ЈАС И МИНИСТЕРОТ

трагикомична фарса

Текст: Владимир Плавевски

режија:  Душан Наумовски

Драмското дејство на оваа современа фарса е подложено на драматуршките пресврти на состојбите на случувања во кои западнува програмерот Каменчо Парталковски, кој за време на една театарска претстава, кивнува и случајно го исплукува министерот. Од тој момент, понатамошниот  живот на програмерот доживува потполн пресврт обземен од основниот полтронски инстикт – да се извини за овој ексцес  на исплуканиот министерот. Драматуршкото дејство се компликува со развиток на дејството кое покажува дека  програмерската фирма во која работи Каменчо Парталковски за “исплуканиот” министер изработува програма за користење на кредит од трансанционален конзорциум. Драмската завршница кулминира со сериозен конфликт на личностите чија што завршница е трагична за една од наведените личности.

Оваа современа фарса својот  архитипски модел го црпе во еден од култните расказите на А.П. Чехов создавајќи оригинална фарса во семантичкото толкување на грамотноста на македонските луѓе и менталитети кои од фарса прераснуваат во трагикомедија како единствена можност на разврската на нашиот современ јазол на битисување. Секако, со понуда на литературната и драматуршката агитираност на можноста: “Што да се стори кога не сакајќи можеби сме ја навредиле личноста од која директно зависи нашата понатамошна судбина?” Дали треба да бидеме упорни во извинувањето кон таа личност или треба да покажеме достоинство во однесувањето? Дали полтронството на личноста мора да оди до крајни граници или треба да се сочува личниот дигнититет?

Овие архитипски моделирања во наши условности ја создаваат и развиваат драматуршката конструкција како наличје на нашето современо егзистирање.

авторот на

“ЈАС И МИНИСТЕРОТ”

Владимир Плавевски


Извадок од текстот:

Улоги:

КАМЕНЧО ПАРТАЛОСКИ, програмер

МИНИСТЕРОТ

ШЕФОТ на Каменчо

ДИРЕКТОРОТ на Каменчо

ДЕСПИНА, сопруга на Каменчо

РАДИЦА, секретарка на Дирењкторот

МАЖОТ Курназовски

ЖЕНАТА Курназовска

ЉУБЕ, безбедност

РЕДАРОТ во театар

ПРИДРУЖНИКОТ на Министерот

СЕКРЕТАРКАТА на Министерот

МЕД. СЕСТРА

Телохранителот

Музика.

Џагор на публика која надоаѓа

КАМЕНЧО

Извинете?!

РЕДАРОТ

Молам?

КАМЕНЧО

Каде… каде треба да седнам?

РЕДАРОТ

Билетот молам.

КАМЕНЧО

Јас, знаете, прв пат доаѓам во вашиот театар…

РЕДАРОТ

Не е мој.

КАМЕНЧО

Да, да, не е мој. Пардон, не е твој, пардон, ваш, нели…

РЕДАРОТ

Билетот молам.

КАМЕНЧО

Претставава, ова, нели, колку е долга?

РЕДАРОТ

Балет, ви се молам. Балет! Колку бил долг! Господи, господи…

КАМЕНЧО

Балет? Да, да, балетот не се мери…

РЕДАРОТ

Кој сè не доаѓа в театар… Билетот, ви се молам!

КАМНЕЧО

Еве ви го билетот!

РЕДАРОТ

О, повелете, повелете!

КАМЕНКО

Благодарам.

РЕДАРОТ

Не ти!.. О, повелете, господине миниситер, повелете!

МИНИСТЕРОТ

Благодарам. билетот е кај мојот телохранител.

РЕДАРОТ

Билетот, ако сакате, господине…? Повелете, седнете… Повелете…

КАМЕНЧО

Кхм… Кој е овој ќелав господин?

РЕДАРОТ

Не знаете кој е “Овој”?! Господи, господи, кој сî не доаѓа во театар?!… Билетот, ви се молам.

КАМЕНЧО

Ви го дадов.

РЕДАРОТ

Ах, да… О?! Имате два билети!?

КАМЕНЧО

Едниот е за мене, другиот е за жена ми…

РЕДАРОТ

Каде е жена ви!

КАМНЕЧО

Ќе дојде.

РЕДАРОТ

Кога ќе дојде?

КАМЕНЧО

Ќе дојде, нели, ми се јави дека ќе дојде. Јас сум нешто настинат и…

РЕДАРОТ

Тогаш, чекајте ја на влезот! Не овде!… Господи, господи, кој сî не доаѓа во театар?!

КАМЕНЧО

Ама, ви се молам, тоа е мој проблем. Не е ваш проблем… Кој е овој ќелав господин?

РЕДАРОТ

Не знаете кој е овој господин? Господи, господи…

КАМЕНЧО

Да седнам до него?

РЕДАРОТ

Неее! Овој ред, овде… Седало оноа! … Гледате?! Токму над тој господин.

КАМЕНЧО

Да. Благодарам… Директно над него?

РЕДАРОТ

Да! Седнете веќе еднаш!

КАМЕНЧО

Благодарам, благодарам… Благодарам… Благодарам…

Члкрипење на седало.

Одекнува свирење на мобилен телефон.

Публиката аплаудира.

Одекнува свирење на мобилен телефон.

КАМЕНЧО

Ало? Да?  Душичке, гледам балет… Аха, балет… Почна… Да, да! Се вртат како шлакнати… Не доаѓаш? Зашто?!… Слушај, некултурно е да зборувам со мобилен во театар… РЕДАРОТ

Ама, ви се молам? Ви се молам!

КАМЕНЧО

Ќе исклучам… Еј, чекај! Каде е манџата? Во фрижидерот? Добро…

РЕДАРОТ

Господи, господи, кој сî не доаѓа во театар?!

Исклучување на мобителот.

Музика.

Каменчо одеднаш силно кивнува.

КАМЕНЧО

Извинете … Јас кивнав и ве испрсав со плунка по вашата ќелавица…

МИНИСТЕРОТ

Ништо, ништо …

КАМЕНЧО

Не сакав … Се извинувам …

МИНИСТЕРОТ

Ништо, ништо …

КАМЕНЧО

Не сакав … Сакате палома марамче? Да се избришете? … Имате? Немате? … Имате? Добро, добро… Не сакав … Се извинувам …

ЖЕНАТА

Што? … Како? … Леле, леле … Ц, ц, ц, ц !

МАЖОТ

Но да.

КАМЕНЧО

Не сакав. Жими мајка…

КАМЕНЧО

Кхм … Кхм … Како ви се допаѓа претставата?

КАМЕНЧО

Одличен па-де-де … Браво!

ЖЕНАТА

Треба да му се извините.

КАМЕНЧО

На кого?

ЖЕНАТА

Нему!

МАЖОТ

Но да.

КАМЕНЧО

Простете, Ви се молам …

МИНИСТЕРОТ

Да?!

КАМЕНЧО

Ве испрскав, знаете …

МИНИСТЕРОТ

Ништо, ништо …

КАМЕНЧО

Не сакав, верувајте …

МИНИСТЕРОТ

Ништо, ништо …

КАМЕНЧО

Како бога Ве молам, простете ми …

МИНИСТЕРОТ

Ништо, ништо …

КАМЕНЧО

Верувајте, воопшто не сакав …

МИНИСТЕРОТ

Да, да … Добро, в ред …

КАМЕНЧО

Длабоко се извинувам, не сакав …

Чекори.

РЕДАРОТ

Псст!… Престанете веќе!

КАМЕНЧО

Не сакав, знаете …

РЕДАРОТ

Оставете го да гледа!

Музика

МАЖОТ

Но да? Заврши… Како ви се допаѓа балетов?

КАМЕНЧО

Па, ова, знаете, така … Добар е!

МАЖОТ

Нема врска… Што е добро во овој балет?

КАМЕНЧО

Па, ова, нели, добра е музиката…Да, музиката!

ЖЕНАТА

Ах, Чајковски е ненадминат.

КАМЕНЧО

Гуно.

МАЖОТ

Да?

КАМЕНЧО

Гуно. Музиката е на Шарл Гуно. Еве, овде, во програмава, пишува – музика: Шарл Гуно!

ЖЕНАТА

Па да! Шарл де Гол, пардон, Гуно!… Срамота! Ни дале погрешна програма.

КАМЕНЧО

Да, да …

МАЖОТ

А балерините?

КАМЕНЧО

Што балерините?

МАЖОТ

Какви беа?

КАМЕНЧО

За жалење. Коска и кожа!

ЖЕНАТА

Не им даваат да јадат.

КАМЕНЧО

Не ме јасно како не добиваат вртоглавица од толку вртење.

ЖЕНАТА

Ви се восхитувам, господине … Господине?!

КАМЕНЧО

Парталоски… Програмер.

ЖЕНАТА

Ние сме прочуеното семејството Курназовски.

КАМЕНЧО

Како, како? Кое семејство?

ЖЕНАТА / МАЖОТ

Курназовски!

КАМЕНЧО

Мило ми е…

МАЖОТ

Извинете, не слушнав. Но да? Што сте вие?

КАМЕНЧО

Програмер.

ЖЕНАТА

Програмер?

МАЖОТ

Но да?! Што работите?

КАМЕНЧО

Правам програми.

ЖЕНАТА

Театарски програми?

КАМЕНЧО

Компјутерски програми.

МАЖОТ

А, тоа … Ние имаме, знаете, приватна фирма. Јас сум, знаете, главен консултант, но да, а мојата сопруга е генерален директор.

ЖЕНАТА

Да! … Во строга доверба, господине Парталоски! Вие сте многу храбар човек.

МАЖОТ

И, имате добри врски. Но да!

ЖЕНАТА

Очигледно.

МАЖОТ

Да, да …

КАМЕНЧО

Се извинувам… Кој е храбар човек? Јас?!

ЖЕНАТА

Вие ами кој! Кој денес има смелост да исплука една толку значајна личност.

КАМЕНЧО

Значајна личност?

МАЖОТ

Апсолутно. И тоа – на јавно место!

ЖЕНАТА

Министер!

КАМЕНЧО

Министер?

МАЖОТ

Но да. Министер!

КАМЕНЧО

Но, јас, знаете, ми дојде да кивнам, несакајќи… Настинат сум.

МАЖОТ

Вие сте, очигледно, од опозицијата?

ЖЕНАТА

Ох, не започнувај со политика, миличок, те молам.

КАМЕНЧО

Каква политика, ви се молам… Јас и политика… А, кој е тој министер? Не го познавам?!

Ѕвони мобител.

МАЖОТ

Ало? Да? … Да, да, тука сум… Во театар! Со мајка ти културно се издигнуваме. Гледаме балет! Да! Од Шарл де !.. Падна?!

КАМЕНЧО

Кој падна?!

МАЖОТ

Каде најде бре сега да паѓа?

ЖЕНАТА

Пссст! Леле, паднала владата!

МАЖОТ

Каква влада! Син ти паднал на испит!

Музика.

РЕДАРОТ

Ве молам, понастрана, понастрана…

ЖЕНАТА

О, господине министре?

РЕДАРОТ

Господи, господи… Понастрана, ви се молам!

ЖЕНАТА

Господине министре?! Како сте?

МИНИСТЕРОТ

Охо, кого гледам, кого гледам?

ЖЕНАТА

Семејство Курназовски. Како сте?

МАЖОТ

Моето почитување, господине министре… Семејство Курназовски!

МИНИСТЕРОТ

Како ви се допаѓа преставата?

ЖЕНАТА

Супер! Ептен! Не сум гледала подобар балет … Ах, Чајковски! Чајковски е вечен.

РЕДАРОТ

Каков Чајковски, ви се молам?

МАЖОТ

Но да?

МИНИСТЕРОТ

Гуно. Шарл Гуно!

МАЖОТ

Таа го признава само Чајковски, знаете …

МИНИСТЕРОТ

Да, да … Ова беше, вашиот брат?

МАЖОТ

Но да, си личиме. Си личиме…

ЖЕНАТА

Си личат! Личат, господине министре!

РЕДАРОТ

Личат, господине министер. Личат!

КАМЕНЧО

Ова, знаете, јас ве испрскав, господине министре …

МИНИСТЕРОТ

Јас веќе изумив.

КАМЕНЧО

Ве испрскав, знаете, а не сакав …

МИНИСТЕРОТ

Ах, глупости.

РЕДАРОТ

Многу си личат, господине министер. Близнаци!

КАМЕНЧО

Сепак, господине министер, ние, знаете, но да, ние не сме браќа.

МИНИСТЕРОТ

Точно. Не сте браќа.

РЕДАРОТ

Воопшто не личат, господине министер. Ниту оддалеку!

ЖЕНАТА

Какви браќа, ви се молам?

МАЖОТ

Ние браќа?

КАМЕНЧО

Настинат сум знаете …

МИНИСТЕРОТ

Ништо, ништо …

МАЖОТ

Кога да наминам до Вашиот кабинет?

МИНИСТЕРОТ

Кога сакате.

ПРИДРУЖНИКОТ

Но најпрво, јавете се! Господинот министер е секогаш презафатен сум, знаете.

МАЖОТ

Благодарам, господине министре, благодарам …

ЖЕНАТА

Поздравете ја сопругата од мене.

РЕДАРОТ

Ја поздравува вашата сопруга, господине министер… И јас!

КАМЕНЧО

Извинете, не сакав … Извинете!

РЕДАРОТ

Пссст! Повелете, повелете наваму…

Чекори во одминување.

ЖЕНАТА

Жена му учеше со мене. Мочла, седеше две клупи зад мене. Се влечкаше со сите и гледај сега кого свлечка?!

МАЖОТ

Но дааа? Не си ми кажала.

ЖЕНАТА

Не си прашал!

КАМЕНЧО

Ооох, ми се врти… Се ми се врти!

МАЖОТ

Тоа е од балерините. Многу се вртат, па ви го завртеа умот.

КАМЕНЧО

Нема повеќе да гледам балет.

ЖЕНАТА

Тебе ти се сврти од министерот.

КАМЕНЧО

Добро, добро, и од министерот.

ЖЕНАТА

Не е добро! Не! Не приметив дека му се извинивте.

КАМЕНЧО

Како не се извинив? Се извинив!

ЖЕНАТА

Сакам да кажам дек Министерот не го прифати извинувањето.

МАЖОТ

Но да!

КАМЕНЧО

Не?

МАЖОТ / ЖЕНАТА

Не.

КАМЕНЧО

Па што да правам?

МАЖОТ /ЖЕНАТА

Да му се извините!

Музика.

Отворање врата.