Cena od Novo MaaloИздавач

Дирекција за култура и уметност- Скопје

За изадавачот

Никола Глигоровски

За редакцијата

Анче Кузмановска

Ликовно и графичко обликување

Огнен Плавевски

Печат

Графодент, Скопје 2009, 308 стр. 21 см., тираж 500

CIP – Каталогизација во публикација Народна и универзитетска библиотека Св. Климент Охридски

ISBN 987-9989-872-41-9

COBISS.MK – ID 76912394

Изданието е објавено со финансиска подршка на Министерството за култура на Р.Македонија

Plazhite na VardarФрагмент од романот:

Градската плажа има неколку дрвени кабини за пресоблекување, чешма со вода за пиење и мала кафеана. Од неа секогаш се шири примамлив мирис на печена скара. Тие што имаат пари и не се љубители на капењето седат во неа и со часови пијат клакер или пиво, џвакаат кебапчиња со кромид, пушат и ги меркаат капачите што се разладуваат во водата на Вардар, посебно девојките кои се перчат во своите костими. Од спротива се гледа брдо со макадамски пат означен со крајпатни бели конусни камења. Поминуваат арабаџиски коли и по некој чкриплив камион подигнувајќи прашина што тивкиот ветер Вардарец директно ја посејува врз плажата.

На Градска Плажа доаѓам со голема група од десеттина Новомаалци.

Од спротивната страна на брегот се појавува арабаџиската кола преполна со лубеници. Од полегнатиот круг  Новомаалци.претечки станува корпулентниот Љубе Скопски, маалскиот главуч, и почнува од секого скоро со сила да собира пари. Кога ги собра парите од сите, гласно ги изброи и задоволно кимна со главата.

“Ќе купиме лубеница над десет кила… Кој ќе плива со лубеница?! ” заповеднички прашува Љубе.

Сите се погледуваме меѓусебно. Никој не се јавува доброволно. Љубе  лош пливач оти плива само женски. Шета меѓу нас бирајќи јунак што ќе се осмели со лубеница да го преплива Вардар. Застанува над мене.

“Земај ги париве!” ми заповеда.

“Нешто ме боли рамово”, се правдам невешто.

Маалците ме гледаат сожалливо. Јас сум најдобар во пливањето “по “вардарски ” но никогаш до сега не сум пливал со лубеница во Вардар.

“Море, скокај во вода!” грми Љубе. Луто му ги земам парите, ги ставам во џепчето од гаќичките и зацапувам во Вардар. Кога водата ми досегнува до колената, главечки скокам во водата и брзо почнувам да пливам. Маалците и капачите ме следат љубопитно. Педесеттина метри прудоле нашите малски душмани, Крњевците, се поставуваат еден до друг во плиткото.

Со брзи замавнувања вешто ги сечам брзаците и внимателно ги одминувам водовртежите. Внимавам водата да ме нанесе кон колата со лубеници. Уште неколку снажни замавнувања и го досегнувам брегот. Излегувам точно кај лубеничарот. Од спротивната страна се разлева задоловен свиреж на моите маалци. Ги подигнувам триумфално рацете и полека доаѓам до лубеничарот седнат крстнозе во сенка под колата.

“Алал да ти е бре ќопек, асален пливач си бил!” вели лубеничарот. Му ги давам водените метални монети. Тој полека станува и бира лубеница.

“За парите и за таков арслан како тебе, овој бостан е таман”, кажува и ми дава огромна лубеница. Ја поземам со мака и ја подигнувам да ја видат маалците од спротивна страна. Се разлева одобрувачки свиреж.  Свиркаат и маалците од Крњево. Некој ќе ја јаде лубеницата? Кој? Моите Новомаалци. или нашите маалски душмани, Крњевците?

Со лубеницата влегувам во водата. Од оваа страна Вардар веднаш започнува со голема длабочина и е многу брз. Ја водам тешката лубеница пред главата како топка. Тешката лубеница плута и на моменти тоне пред мене. Со вешти замави на рацете ја држам лубеницата пред моето лице. Не можам брзо да пливам оти лубеницата ми го успорува пливањето. Водата почнува да ме занесува. Лубеницата удара во мене и веднаш потонува. Ја дофаќам под водата и ја местам пред лицето. Наидувам на силен водовртеж кој ме вовлекува во водата. Брзо испливувам на површината  и со неколку брзи замавнувања на рацете испливувам во мирна вода.

Лубеницата ја нема никаде! Панично се вртам во водата околу себе. Веднаш зануркувам. Нуркам долго, во  длабоката студена утроба на Вардарот. Досегнувам до дното и пофаќам корени. Се влечкам по дното држејќи се за корењата. Одеднаш дофаќам нешто округло. Пипкам коса, нос, уста, заби! Погледнувам во матното. Гледам силуета на човек заплеткан во подводните корења. Престрашено со нозете се отфрлам од дното и како куршум изнуркувам на површината. Панично пливам кон брегот. Маалците брзо ми приоѓаат и ме гледаат сои чудење.

“Каде ти е лубеницата?” ме прашува Љубе.

“Доле, на дното има удавен човек… ” пелтечам престрашено.

“Ја изгуби лубеницата па најде со што да се вадиш!” грми Љубе.

Прудолу од нас Крњевците ја вадат  мојата лубеница која допливала до плиткото и врескаат гордо. Со лубеницата доаѓаат триумфално сред плажата. Нивниот главуч ја треснува силно од земја. Лубеницата се распукува на неколку делови. Потем ја черечат и ја голтаат со сласт додека слаткиот, црвен сок им тече по градите.

“Момче, што кажа за дното?”

Некој непознат човек  ме ѕвери љубопитно. Погледнувам во Љубе кој ме убива со погледот.

“Долу, на дното, ене таму!” покажувам, ” кога нурнав да ја фатам лубеницата фатив глава од човек”, кажувам со страв.

Човекот ме гледа со своите сини очи небаре ме стрела. Потврдно кимкам со главата. “Лаже “, кажува Љубе.

“Пред два дена овде се удави човек. До денес не го најдовме… Јас сум од Удба. Ќе го бараме каде што кажа копиљов”, кажув и брзо се губи од нас.

“Е, кај ја изгубивме лубеницата и се избрукавме уште и Удба ни се закачи на врат”, фрчи Љубе и ме треснува сред лице. Паѓам на белите камчиња. Од носот ми тече шурка крв. Молчам оти сум виновен. Станувам полека но глас не пуштам. Љубе ѕверски ме удира уште посилно по лицето и јас повторно се препелкам врз жешките бели камчиња.  Пред очи ми излегуваат свитки и ѕвечки што се вртат во круг.

“Ама оти го млатиш копиљов?! ” кажува загрижен глас.

Полека седнувам додека моите Новомаалци се оддалечуваат од мене сиреч ме пизмат. Погледнувам околу себе. Крај мене стојат два полициски џипа полни со полицајци кои гледаат во водата. Тројца мажи во црни гумени костуми со маски на лицето и боци на грбот нуркаат во Вардар.

Мажот ми го мие лицето со студена вода од шише. Потем ми дава да се напијам  вода од шишето. Моите Новомаалци ме ѕверат од сенките на дрвјата. Љубе стои крај едниот џип и гледа со страв во мажот што ме освестува.

Нуркачите полека излегуваат од водата носејќи помодрен труп на гол човек.  Мажот срипува. Капачите почнуваат возбудено и престрашено да мрморат. Нуркачите го спуштаа трупот на удавеникот врз белите камчиња каде што Крњевците ја искршија мојата лубеница. Љубопитници полека доаѓаат до удавеникот. Моите маалци се туркаат во првиот ред.  Полицаец со војничко ќебе го покрива удавеникот и луто ги растерува гледачите.

Љубе Скопски ми приоѓа.

“Извини”, ми кажува со глупав израз на лицето.

Станувам и со тетеравење заминувам од плажата.