Издавач

Дирекција за култура  и уметност – Скопје

За издавачот

Никола Глигоров

За редакцијата

Крстана Кузмановска

Ликовно и графичко обликување

Огнен Плавевски

Печати

Академски печат

тираж

500

CIP – Каталогизација  во публикацијата Народна и  универзитетска библиотека Св. Климент  Охридски, 2006 год.

ISBN 9989-872-32-5

COBISS.MK-ID 64156170

Публикацијата е печатена со финансиска помош на Министерството за култура на Р.Македонија

Извадок од романот:

Врне со денови. Додека ние во салата вредно вежбаме професорот Ранко загрижено гледа низ прозорецот не обрнувајќи внимание што правиме. Машките прескокнуваат јарец а девојчињата на душеците прават “колут напред – назад”. И служителот Венко загрижено гледа низ прозорецот.

”Ова не е на арно”, кажува професорот Ранко.

”Не е?! “, одвраќа служителот Венко.

”Вардар веќе поплавува околу Скопје. Ако продолжи да врне, ете ти поплава и во Скопје”, констатира професорот Ранко.

”Лоши луѓе, лошо време”, мудро одвраќа Венко.

Дома се враќам по дождот шлапајќи по студените, матни локви вода. Баба ми ги свлекува утоп водените чевли и чорапи и ми ја брише со сува риза потполно наводенетата коса туткајќи ме во ќебе за да се згреам.

”Професорот Ранко вели оти ќе има поплава”, ‹ кажувам на баба.

”Молчи! Не знаеш ти што е тоа поплава! “, ме прекорува баба.

”Што е поплава?”, прашувам.

”Надоаѓа многу вода од сите страни. Се уриваат куќите и се дави с¡ живо. И луѓето!”, кажува баба.

Тато се враќа од работа замислен. Расеано го свлекува шушкавецот и качкетот и ги вади каљачите и чевлите и седнува на софрата приготвена за јадење. И мама пристигнува од работа со смуртена лика, брзо се пресвлекува и седнува на масата. Баба со метална црпалка ни става компир манџа во чиниите. Тато, држејќи ја лажицата в рака, гледа некаде пред себе отсатно. Баба го предупредува да јаде. Тој брзо се сепнува и тивко, со треперлив глас ни соопштува:” Градска плажа и паркот се под вода.”

Јадеме небаре имаме грутка во голтникот.

”Што ќе правиме ако водата дојде до нашава куќа?”,прашувам сркајќи.

”Ќе бегаме”, несигурно одговора мама.

”Каде ќе бегаме?! “, немилосрдно прашам.

”Не знам… “, одвраќа тато со страв во гласот.

”Ќе ја оставиме куќава? “, продолжувам безмилосно.

”Ако водата ја урне ќе станеме бездомници”, почнува да солзи мама.

Баба, возбудена од сето кажано, доаѓа до креденецот, го вади малото, темно шишенце со Валеријанови капки и брзо голтнува неколку голтки. И додека мама ги брише солзите тато почнува да се облекува.

”Ќе одам да видам колку е надојден Вардар”, промрморува.

”Ќе дојдам и јас”, кажувам.

”Ти остани тука!”, ми одвраќа луто.

”Земи го. Треба да памети”, утешно кажува баба.

Тато за момент размислува па потем потврдно кимнува со главата.

Спикан во тато кој држи чадор полека чекориме кон Железниот мост. Како наближуваме кон него така наслушнувам силна бучава. Околу мостот и долж кејот  насобран народ под чадори молчаливо гледа во невообичаено надојдениот Вардар. Калливата вода потполно ги прекрила речните острови со врби и јазот и се искачила до камениот насип.

Одекнува гласно колнење:”Пушка црна да те изгори Вардареее!”

Погледнувам кој колне. На камениот насип се искачил дедо Царче, суво старче кој колне тресејќи се како вејка. Тато, држејќи ме за рака, му пристапува.

”Не штити камениов насип”, му одвраќа тато.

”Штити тука арно ама водата ѓољ прави од горе, од паркот каде нема насип. И од доле, кај Кланица потопува се живо и диво”, кажува мудро дедо Царче.

”Ќе спадне водава”, се обидува да го утеши сосетката Љуба.

”Дај боже да падне, ама на толку дожд – тешко… Ако водата ги премине раклине кај Офицерскион мост…”, покажува со рака кон Офицерскиот мост, “ …водата од Серава ќе почне да го поплавува Пајко маало. Ако водата дојде до висина на Офицерскиот мост, потопени сме и ние!” , сурово реди дедо Царче додека околу над се собира група љубопитници.

”Од каде знаеш бре ти Царче како ќе не поплавува Вардар? “, луто му се обраќа растреперениот сосед Трајан.

“Знам, пушка црна го изгорела. Н¡ поплави девесто пета, па пред прво бугарското, па кога Хитлер дојде на власт во Дојчланд… “, гласно, морморејќи луто набројува дедо Царче.

”Ај, не сеј паника”, го пресекува соседот Орде кој е општински курир.

”Овде сум черек саат а водава се качува”, одвраќа луто дедо Царче.

”Сакаш тутун? “, му се обраќа тато на дедо Царче.

”Ај’да те фрлам во арч”, одвраќа дедо Царче. Одбира цигара од понудената кутија, луто ја лизнува и додека двајцата ги палат цигарите, тато доверливо го прашува:”Ќе н¢ поплави и нас?!”.

Дедо Царче го мерка тажно со своите крупни, водени сиви очи, долго ја пали цигарата и доверливо, тивко шепнува: “Стокми си ги парталите”, се врти и пафкајќи чурови си заминува од групата. Раката на тато што ме држи почнува да ме стега. Офнувам од болка. Стегањето одеднаш попушта. Тато, потполно збунет и растревожен, ја фрла недопушената цигара во Вардар. Матниот водотек како стрвна ала ја проголтува цигарата.

Баба и мама, вознемирени, н¡ чекаат пред порта.

”На радио кажаа оти е поплавена Женска гимназија и Еврејско маало… Војската со гумени чамци спасува луѓе од куќите… Неколку куќи веќе се урнисале… Илинденска била поплавена од крај до крај… “, со треперлив глас кажува мама.

”Што ќе правиме?”, плачно прашува баба.

”Да се пакуваме”, едвај чујно прозборува тато.

Баба погледнува во небото и почнува да реди: “Господи златен, што лошо сме ти сториле та не поплавуваш?”

Повеќе од половина ученици не се дојдени на часовите. Ѕвончето ѕвони но професорот никако не доаѓа. Вратата со застрашувачки чкрипеж   се отвора. На вратата стои служителот Венко и не гледа со чудење.

”Повеќе нема настава…Одете си право дома”, кажува служителот и тивко заминува. Полека стануваме и тивко заминуваме од одделението.

Наместо “право дома” се упатувам право до Железниот  мост. Кејот на Вардар е исполнет со љубопитници кои молчаливо гледаат во водата. Бучавата од водата е посилна од вчера. Водата потполно ги прекрила камените скали од спротива. Само неполн метар ја дели матната вода од работ на Железниот мост. Од двете страни на мостот шетаат полицајци. Приоѓа вознемирен човек  кој сака да помине. Полицаецот луто, одречно врти со главата.

”Па каде да поминам карши? “, престрашено го прашува  загрижениот намерник. “Само преку Камениот мост”, одвраќа строго полицаецот. Човекот брзо се устремува по кејот кон Камениот мост а по него се упатувам и јас. Водата ги потопила раклите од Офицерскиот мост. Големи дрва носени од силната вода повремено потмуло удираат во мостот.

Доаѓам до Камениот мост. Преку него поминуваат луѓе во густи редици и возила во колона. До мостот, крај отворените скали матната вода досегнала до последната скала. Како сигурност крај скалите има поставено ѕид од големи вреќи со песок.

Водата скоро се доближила до Офицерскиот дом. Во заднината се гледа голема водена површина која се израмнила со матната вода на Вардар. Забележувам големи, црни гумени чамци со војници кои веслаат и стуткани луѓе.

”Кого возат војниците во чамцине?”, го прашувам нервозниот полицаец кој се вртка околу Офицерскиот дом. “Какво возење? Ги спасуваат поплавените! “, одвраќа луто. “Од каде си ти?! “, сомнително ме гледа. “Од Ново маало… “, одговарам. “Што мајка бараш овде? Враќај се дома! Гледаш ли дека водата незадржливо надоаѓа?!”, ми кажува луто.

Дефинитивно застрашен распаметено почнувам да трчам кон моето маало. Трчам како виор низ туѓи сокаци поплавени со вода. Водата џрџори низ тарабите во куќните дворови. Се удирам во луѓе кои црпат вода со тенџериња, се лизгам, паѓам во кал и целиот воден и каллив доаѓам во моето маало.

Сеуште водата не досегнала до нас.  Соседите ставаат земја пред портите како брана. Крај нашата улична чешма спроти “Румба кафана” тато со група луѓе од голем камион вадат вреќи со песок. Дедо Царче им кажува на луѓето каде да ги ставаат вреќите колнејќи постојано: “Ој Вардаре црна чума те изела, пукнал да’бог’да! “

Отрчувам дома. На баба и на мама им раскажувам оти околу нас водата веќе ги поплавува куќите. Мама брзо ме пресоблекува, ме брише и брзо ме преоблекува со суви алишта. Ме става во креветот и ме покрива со јорган да се загреам.

Се враќа тато, застрашен и лут. Гледа како мама и баба пакуваат пљачки. Запалува цигара и нервозно пуши. Одеднаш се закашлува и ја фрла цигарата. Станува брзо и го облекува шушкавецот.

”Стани! “, ми кажува. “Ќе одиме да видиме до каде е Вардар… “

Станувам и брзо се облекувам. Поминуваме низ калливиот чикмак, стапнуваме низ калдрмата од сокакот и доаѓаме до маалската чешма околу која се перчи висок бедем од нафрлени вреќи песок. На бедемот седи дедо Царче и си колне: “Пушка црна да те изгори Вардареее!”  .

”Да видиме до каде е Вардар?”, кажува тато. Дедо Царче покорно тргнува со нас.

Бучавата оддалеку е толку силна што скоро сите не обеспокојува. Приоѓаме кон Железниот мост. Водата веќе го преплавува мостот. Во мостот се вплеткале дрвја и нивните гранки силно удираат по железната градба. Дедо Царче, скочанет од глатката ппрестанува да колне. На камениот кеј грст војници поставуват вреќи со песок. Зашеметени се упатуваме кон Офицерскиот мост. Глетката повторно не скаменува. Водата го преплавува и овој мост. Дедо Царче почнува да зборува самиот со себе:”Е, Царче Царче, Вардаров ти дојде до акот… “.

”Земи тутун!”, му кажува загрижено тато за да го потсмири. Дедо Царче со страв зема цигара.

”Ќе ја запалам ако не ме однесе Вардаров”, кажува небаре се правда.

”Што зборуваш?”, се исчудува тато.

Дедо Царче, распаметен од виденото, без поздрав заминува оставајќи не сами. Приоѓа висок полицаец и ни наредува брзо да се оддалечиме од мостот. Тато ме грабнува луто за дланката и скоро со трчање се оддалечуваме. Доаѓаме на насипот од вреќи пред нашата маалска чешма. Група соседи тивко, заговорнички шепотат: “… Те многу луѓе се удавиле на спиење, те цели куќи пливале по водата а од нив се слушало запомагање на луѓе, те Скопје ќе се стори Вардарско езеро, те сите куќи од плитар ќе се истопат во водата… “

Најстрашната вест ни ја кажува соседот Вукан: “Браната на Матка ќе прсне вечерва. Прво ќе снема струја а потем огромен воден бран ќе не однесе и нас и Скопје.” Соседите од страв не можат да пролафат ниту збор. Соседот Трајан се поткашлува, го зачистува грлото од паниката што го дави и не теши со “полесна” вест:

”Минирани се Железниот и Офицерскиот мост”.

”Јас сега доаѓам од таму, ништо не видов!”, спасоносно одвраќа тато.

”Си гледал ама ништо не си видел! Те вратија ли назад џандарите? “, возвраќа Трајан. Тато потврдно кимнува со глава. “Те вратиле оти мостовите се минирани… “.

”А зошто се минирани? “, прашува соседот Вукан.

”Мостовите со насобраните дрва ја задржуваат  водата и таа тогаш повеќе прелива кон нас”, кажува важно соседот Трајан.

Одеднаш се слуша далечно брмчење кое станува се погласно. Низ магливиот пејсаж на стемнетата улица доаѓа џип и застанува пред нас. Од џипот излегува наперчен офицер и еден војник со пушка. Офицерот ни приоѓа, сомнително не загледува, поздравува војнички и гласно кажува:

”Јас сум мајор Црниќ, одговорен за евакуација… Ова е делот од Ново маало наречен ‘Румба кафана?’“

Сите гласно зборуваат. Мајорот луто одвраќа: “Нека одговара само еден да се разбереме подобро… Ајде ти!”, покажува на тато.

”Да, мајоре, ова е дел од Ново маало наречен ‘Румба кафана’“, војнички одговара тато.

” Не играте румба во кафана?”, се обидува да не разведри мајорот. “Вие од ова маало сте предвидени да се евакуирате околу полноќ”, кажува строго. “Пет воени камиони ќе дојдат овде. Спремете се за евакуација околу полноќ. Овој војник ќе биде на стража!”

Го гледам војникот кој во став мирно стои неподвижно небаре е статуа.

”А што да земеме со нас?! “, прашува со страв тато.

”Ништо… Само вие со топли алишта за да има повеќе места…Јасно?! “

Сите молчешкум кимаат со глава. Поручникот се враќа во џипот и брзо заминува. Војникот со пушката на рамо почнува да шета пред насипот со вреќи. Со тато, вознемирени и застрашени до коска се враќаме дома. Во собата владее вистинска пустелија. На голите штици од креветот стојат свиткани черги, мадраци, јоргани и ќебиња а на масата куфери и неколку врзопи со алишта и корпа со јадење.

Тато, збунет, со страв кажува оти не смее да се носи ништо туку треба само топла облека. Мама почнува да липа и да се тресе. Баба почнува да се удира со тапаниците по глава. Тато брзо ги зема Валеријановите капки од креденецот и им дава и на баба и на мама да се напијат. Додека јас  облекувам топли волнени алишта баба и мама седнуваат на соголените штици од креветот и безизразно гледаат пред себе.

Почнува да се стемнува. Седиме тивко во темница. Тато станува и ја вклучува сијалицата. Радиото цело време свири траурна музика.

Одеднаш сиајлицата се гаси а радиото престанува да свири. Остануваме во потполна темнина и тишина.

”Готово е “,крикнува тато, “браната на Матка прснала!”

Се стуткуваме еден во друг исчекувајќи да не однесе воден бран.

Се слуша само тивко, монотоно жуборење на водата. Тато со страв станува, запалува ќибритче, вади свеќа од креденецот а а потем со треперење ја запалува свеќата и ја поставува на маса. Стануваме и седнуваме околу свеќата. Молчиме.

”Преживеавме… Ајде да видиме до каде е водата”, вели тато. Брзо станувам и поаѓам со него. Доаѓаме до насипот од вреќи. Водата веќе е неколку метри во близина на чешмата.

”Стој!… Каде?! “, не пресекува глас од темнината.

”Да видиме до каде е Вардар”, кажува преплашено тато.

”Каков Вардар бре? Водава е веќе тука. Нема мрдање! Јасно?! “, командува гласот на војникот од темнината.

Брзо се враќаме дома, престрашени од водата што ни е се поблиску и од сознанието оти не смееме да се движиме никаде. Седнуваме околу свеќата и молчиме. Очите од премор ми клапкаат.

Тато повотрно станува. “Ајде да видиме до каде е водата”, вели.

Станувам и поспано трнувам со него. Како простапуваме кон насипот од вреќи крај маалската чешма така се зголемува шумот на вода што жубори.

”Стој!… Каде?! “, не прашува гласот.

”Да видиме до каде е водава… “, тивко кажува тато. Војникот со батерија светнува пред нас. Гледаме во темнината. Водата веќе ги досегнала вреќите.

”Колку е часот? “, го прашува војникот тато.

Тато го подигнува ракавот а војникот со батеријата му свети.

”Полноќ “, кажува тато и ја пружа кутијата со цигари. “Цигара?”.

Војникот, триејќи ги смрзнатите дланки за да ги загрее,  неспретно зема цигара. Двајцата пушат и молчат.

”Каде се камионите?”, прашува тато.

”Ги нема. Не заборавиле”, очајно вели војникот.

Тато ме грабнува за рака и полека се враќаме дома. Повторно седиме околу свеќата. Цело време молчиме. Го слушам далечното монотоно жуборење на вода и полека заспивам.

Одеднаш блеснува светлина. Сијалицата светнува а радиото почнува да кркори. Се будам. Баба, мама и тато како скочанети фигури спијат седнати на масата. Наслушнувам. Чудно, повеќе не го слушам монотониот, тивок жубор на водата. Триејќи ги очите, срипувам.

”Што е? “, се буди тато.

”Водата… “, кажувам и нагло излегувам. Трчам по сокакот и застанувам пред војникот кој спие седнат на насипот. Гледам во темнината.

”Каде е водата? “, прашувам. Војникот се сепнува, станува преплашен и ја усмерува батеријата кон улицата. Не гледаме вода. Војникот излегува пред насипот и со батеријата полека оди по улицата. Се враќа пресреќен.

”Се повлекла… “, ми кажува.

Трчам по сокакот и викам гласно: “Водата се повлекла! Водата се повлекла! Водата се повлекла!”

Соседите, натрунтани со дебели алишта, излегуваат како сеништа од портите и доѓаат до насипот. Тато, баба и мама излегуваат од нашата порта и брзо трчаат до насипот. Соседите собрани околу насипот стојат, гледаат и тивко зборуваат.

На крајот од темната улица се појавуват две мижуркави светилки кои брзо ни се приближуваа. Сите премираме од страв кој ни се приближува. Од темнината изнуркува џип и нагло закочува пред нас. Од него излегува поручникот Црнковиќ, му наредува на војникот да влезе во џипот и додека војникот радосно влегува во џипот гласно ни се обраќа: “ Вардар се повлекува. Нема потреба да ве евакуираме.”

Џипот се губи во темнината на улицата. И додека соседите се грлат од радост од темнината кон нас изнедрува дедо Царче. Стои со цигара во устата, гледа како се радуваме и се гласи со клетва:

”Пушка црна те отепа а, Вардарееее?! “.

15/11/04/Ск