Издавач

Дирекција за култура  и уметност – Скопје

За издавачот

Никола Глогоров

За редакцијата

Крстана Кузмановска

Ликовно и графичко обликување

Бродвеј Скопје

Печати

БРОДВЕЈ – Скопје

тираж

500

CIP – Каталогизација  во публикацијата Народна и  универзитетска библиотека Св. Климент  Охридски, 2004 год.

ISBN 9989-872-21-x

COBISS- ID 0

Извадок:

Темнината однадвор пулсираше во такт со работата на моторот. Се слушаше тивок, монотон свиреж на воздухот кој стрвно се потпикуваше во здушената кабина и ме освежуваше со студенило. Автомобилот се пробиваше низ црнилото на ноќта минувајќи го патот со тивко стенкање на тркалата. На кривините се разлеваше чкрипење и мирис на изгорена гума, небаре тркалата тагуваат поради налудничавото анѕање.

Светлината од фаровите скудно го осветлуваа патот пред мене и на моменти ми откриваа пејзаж исцртан од таинствени нерамнини, замачкани дрвја и карпи. Низ телото ми се валка премор како пајак врз пајажина. Напати заминувам на левата страна од патот и брзо се враќам на десната страна.

Дали можеби сум заталкала по погрешен пат? Внимавав да се движам постојано по автопатот, не скршнував никаде. Сепак, веќе подолго време воопшто не разминав ниту претекнав било какво возило. А патот продолжува право, бескрајно право.

Ѕвездите клепкаат а месечината тлее. Синкавата светлина од месечината го бележи сенишниот пат пред мене, а околу мене замачканиот пејзаж започнува налудничав танц.

Вивнува силна светлина. Ме заслепува блесок и ми се вовира во черепот. Не крскам, глас не пуштам. Бескрајна белина ме обвива како бубаќ, ми ја цица снагата, ме души, ми го дроби здивот.

Сеќавам удар. Автомобилот удира во нешто и кркорејќи, небаре пушти душа, застанува надвор од патот. Моторот се гасне, светлината на фаровите секнува. Ме обвиткува темнина.

Ја поткревам главата. Околу мене се ѕвери само леплива темнина. Станувам од седалото, ја отворам вратата и стапнувам во темнината. Сетам под нозете густа трева а во носот мирис на боливач. Наслушнувам жубор  на вода, а растреперен шум на лисја ме опколува додека ѕвездите на небото подбивно клепкаат а месечината ме плакне со синкавата светлина. Одеднаш, месечината предавнички се затскри зад облак и настапи потполна темнина.

Наслушнувам таинствен клопот на ѕвоно. Извира од далеку. Напати молкнува, напати засилува. Стојам преплашена, треперам како струна и слушам со таговен исчек. Клопотењето се засилува до болна заглушеност. Ми се дроби умот, и токму кога силниот ѕвон ме излуди, сеќавам смирувачки допир со рака. Во темнината опулувам спасоносна сенка на човек.

”Ти си?”, ме прашува груб глас.

Облаците ја раскрилија месечината и синкастата светлина го озарија ликот на таинственикот. Крупна глава со бела, гргурава коса, високо чело, крупен нос, месести усни и големи заби, бос и облечен во бела пижама, опашан со дебела ортома. На вратот, како ниска ѓердан, спровнал рѓосана, дебела жица со голем ѕвонец кој му се мафта сред гради. На секое негово придвижување ѕвонецот екнува со ѕвон кој болно плеска како да шврка со камшик врз мене.

”Каде си?”, ме прашува.

”Кој? Јас?!”, одговарам тивко со прашање.

”Да. Ти! Самовило!”, грубо одговара, втурнувајќи се во мене.

”Каква самовила?”, се исчудувам.

”Вечерва те сетив… Бегаш кон темнината што доаѓа… И, те најдов…”, зборува тивко, монотоно а ѕвонецот околу вратот се огласува на секое негово движење.

”Слушаш како дише темнината?… Слушаш?!… Впива здив од небото… А кога така здивнува црнилата, кога од небо се џарат ѕвездички жедни за млеко од нивната блудна помајка, месечината, кога времето е топло како расплодена женска матка, кога мириса боливачот и се слуша жубор изртен од потта на умрените души, по овие кории талка самовила…”, зборува гледајќи во мене.

”Кој си ти?”, го прашувам со тивок, треперлив глас. Опулот му се устремува кон моите очи. Сеќавам ровје во неговиот поглед.

”Јас? Јас сум ловец на самовили”, кажува и се смирува. Ѕвонецот молкнува. Настапува мигновен спокој во цринило.

”Ловец на самовили?”, прашувам вчудовидена. Кимнува со клепките. “Се шегуваш”, додавам.

”Јас сум ловец на самовили, ловец на самовили, ловец на самовили…”, повторува ритмично а ѕвонецот повторно ѕуни.

”Дали во близинава има болница?”, прашувам.

”Каква болница?”, прашува во нишкањето.

”Болница за душевни болести”, брзо кажувам.

Тој  ми се иступорува в лице.

”На светов има само два вида лудаци… Едните лудаци не се сомневаат во ништо а другите се сомневаат во сè… Јас се сомневам во сè… А ти?!”, ми души со смрдлив здив в лице.

”Мирисаш на мемла”, му велам спокојно.

”Смрдам на смрт”, тивко кажува и одвраќа: “ Сите вие верувате во тоа што најмалку го познавате… Сите! Освен јас!”

Се истава од мене и се упатува кон автомобилот. Душка околу него небаре е пес.

”Те обли блесок?… Ти се спопика во мозокот?… Изгуби здив? … Ти снема глас?… Сети немоќ?”, ме прашува додека душка околу автомобилот.

Потем внимателно ја отвора вратата, влегува во автомобилот, го запалува и на мое изненадување, го подистава наназад неколку метри. Ги вклучува светилките и додека автомобилот тивко работи в место, излегува и застануваа пред светлината на фаровите.

”Си ја отепала самовилата”, вели и почнува да плаче. Од очите му извираат крупни зрна солзи и се тркалаат по јаболчестите образи.

Сетив некаков удар, но не видов никаква жена”, му кажувам со успокојувачки тон. “Не верувам дека тоа било самовила”, додавам.

”Веруваш во тоа што најмалку го знаеш”, ми возвраќа веднаш.

”Но овде нема никакво тело, нема крв, нема ништо…”, се бранам од неговото тврдење.

”Нема траги од ништо но има траги во тебе!”, свикува и почнува да потскокнува околу мене. Ѕвонецот клопоти силно, небаре шврка по моите мисли. Низ главата повторно ми трескаат ровја. Ги затворам очите, ги затворам ушите со дланките, и почнувам долго да крескам.

Ги отворам претпазливо очите и ги тргам дланките од ушите. Околу мене нема никој, освен темнината и мојот автомобил. Се слуша само ритмичната работа на моторот. Влегувам во автомобилот и брзо го истерувам на патот. Возам брзо и тогаш го здогледувам знакот. Скршнувам и по кратко возење доаѓам до висока, метална ограда. Блендирам со светлината од фаровите. Се појавува гурелав чувар кој ме прашува што сакам. Му кажувам лито дека јас сум новата управничка на болницата. Тој веднаш се расонува, се поднаместува во неговата изџвакана униформа и додека ја отвора големата метална порта ми се извинува што задремал додека ме исчекувал. Ме барал и по телефон, но од градот им кажале дека сум заминала кон нив.

Додека се сместувам во собата а чуварот ја вади постелнината од правливиот орман, повторно одекнува далечно  клопотење. Застанувам стаписано. Чуварот ме гледа со исчудување.

Клопотењето повторно се приближува. Се отвора вратата и повторно ме заплиснува неподнислив клопот на ѕвонец. Пред мене стои ловецот на самовили.

”Сакате да ви сварам чај од боливач?”, ме прашува.

”Кој е овој?”, го прашувам чуварот.

Чуварот му приоѓа, го допира ѕвонецот и страшниот клопот секнува. Ловецот на самовили го устремува погледот в земја.

”Живее овде уште од дете. Мирен е, не е опасен… Сака да служи чај од боливач. Слободно се движи и надвор од болницава… Му врзавме клопотало од говеда, да го најдеме ако заталка”.

Ловецот на самовили кимка послушно со главата. Му приоѓам. Ме гледа со чуден опул. Го вади рѓосаниот тел и клопоталото од неговиот врат, ми го става внимателно околу мојот врат.

”Ти си самовила”, вели и тивко, со видлив страв од мене, излегува низ вратата.

Го бараме и во болницата и надвор од болницата. Го снема невратно. Барам и помош од полицијата. Доаѓаат специјални единици со дресирани кучиња и детектори. Ловецот на самовили не го најдоа…

Го чувам неговото говедско клопотало.

Ноќ. На небото блеска полна месечина, а мене повторно ме тревожи јанѕа што се разлева низ дамарите од моето тело.  Одам на местото на нашата прва средба. И додека мирисот на боливчот ја успокојува мојата растреперена душа, почнувам силно да клопотам со ѕвонецот. Ѕвонам и ѕвонам  упорно. Ме раскинува болка во главата, но не престанувам со ѕвонењето. Попусто.

И токму кога сакам за заминам, месечината се вовира во облак. Ме заплиснува непроѕирна темнина. Трепери темнината околу мене. Клопотењето полека одминува. Слушам без здив.

Блеснува месечината со својата леплива синкава светлина и ме полази мене, самовилата, втурната на распаќето на јавето, пред наслушнувањето на мојата душевна тагоба.

Сè уште пораѓам ѕевгар сонови од моето јаве…

18/02/99/Ск