(Кога власта е луда, народот е слеп)

Улоги

ЛИР, кралот на Британија

БУДАЛАТА

КЕНТ, гроф

ГОНАРИЛА, ќерка на Лир

РИГАНА, ќерка на Лир

КОРНЕЛИЈА, ќерка на Лир

ЕДМУНД, Глостерово копиле

ЕДГАР, син на Глостер

ГЛОСТЕР, гроф

ОЛБАНИ, војвода, маж на Гонарила

КОНВАЛ, војвода, маж на Ригана

КРАЛОТ НА ФРАНЦИЈА

ВОЈВОДАТА ОД БУРГУНДИЈА

ОСВАЛД

ТРУБАЧОТ

СЛУГАТА

Прва сцена (Кралска соба)

ЛИР

Дојди ваму!

БУДАЛАТА

Кој? Јас?

ЛИР

Ти, ами кој!

БУДАЛАТА

А кој сум јас?

ЛИР

Мојата Будалетинка! Ха, ха, ха!

БУДАЛАТА

Вие сте мојот крал на својата будалетинка. Ха, ха, ха!

ЛИР

Па што?

БУДАЛАТА

Како “па што?”. Ако мозокот ви е сместен во табаните, дали ќе добиете плускавци?

ЛИР

Да. Секако!

БУДАЛАТА

Па, тогаш, кралу мој Лире, бидете среќен. Вам не ви требаат обувки за да го спасите мозокот од плускавци!

ЛИР

Опа?! Ха, ха, ха! Си знаел!?

БУДАЛАТА

Знам дека не знам, кралу мој Лир.

ЛИР

Ти, будала со тапија, нешто знаеш? А?! Што знаеш?

БУДАЛАТА

Знам!… Еве, на пример, ова! Кхм… Кажете ми, мој умен кралу Лир, зашто носот ви стои сред лице?

ЛИР

Па, види, ова, вака, нели, носот сред лице стои… Не знам!

БУДАЛАТА

А, не знаете?!

ЛИР

Кажи!

БУДАЛАТА

Носот ви е сред лице бидејќи очите се од двете страни на носот. Ако не мирисате, ќе гледате.

ЛИР

Па ти си бил многу умен!

БУДАЛАТА

Затоа сум Ваша ли, ли, лична дворска бу, бу, будалетинка, мој кралу Ли, Ли, Лир.

ЛИР

Ха, ха, ха! Значи, ти сакаш да ка, ка, ка…

БУДАЛАТА

Кажеш.

ЛИР

…Да кажеш дека – ако јас не мо, мо, мо…

БУДАЛАТА

Можам.

ЛИР

..Можам да намирисам што се плетка во земјата моја, не треба да пулам и што ми плеткаат, а?… Ха, ха, ха! Глупости! И не ми пелтечи повеќе!

БУДАЛАТА

Добро… Зашто остригата гради школка?

ЛИР

Врска немам.

БУДАЛАТА

Ни јас. А зашто полжавот си товари дом на грбот?

ЛИР

Зашто де?

БУДАЛАТА

Во него ја крие својата глава, за да не ја дели државата на своите ќерки. Само не може да ги скрие роговите.

ЛИР

Молк!… Коњот е оседлан?

БУДАЛАТА

Твоите магариња отидоа да се погрижат за тоа.

ЛИР

Какви магариња? Сакам коњ!

БУДАЛАТА

Нема магариња, се извинувам коњ, бидејќи седум ѕвезди не се повеќе седум.

ЛИР

Туку осум?!

БУДАЛАТА

Точно! Вие сте одлична будала, кралу Лир.

ЛИР

Подобар сум од тебе?

БУДАЛАТА

Да сте моја будала, кралу Лир, веднаш ќе наредам да ве камшикуваат.

ЛИР

Зашто?

БУДАЛАТА

Не е добро што стареете пред да се вразумите.

ЛИР

О, небо над мојот трон,

зар јас, кралот над кралевите,

Лир,

сум излуден?

Зар во мојата свест сум блуден?

(Влегува Кент)

Грофе Кент, каде е коњот?

КЕНТ

Подготвен, господару.

ЛИР

Клекни.

(Кент клекнува)

Џихааа! Напред! Напред!

БУДАЛАТА

Каде кра, кра, кралу мој, Ли, ли, Лир?

ЛИР

Ти забранив да пелтечиш!

БУДАЛАТА

Каде кралу мој, Лир?

ЛИР

Одам да ја делам.

БУДАЛАТА

Лапачката?

ЛИР

Државата. Мојата држава!

БУДАЛАТА

Ќе ја делиш мојата држава?

ЛИР

Да.

БУДАЛАТА

Па ти си бил побудала од мене.

ЛИР

Па затоа и ја делам…Џихааа!

(Кент, јавнат од Лир, излегува)
Втора сцена( Свечана кралска сала)

(Лир дојавува на Кент, следен од Будалата,  и свечено слегнува)

ЛИР

Повикајте ми ги ќерките.

(Кент  истапува)

Не ти! Будалата!

БУДАЛАТА

Велеуважени дами, ќерки на нашиот сакан крал над кралевите, кралот над нашата држава, Лир, пријдете.

ЛИР

По, по, по, поблизу.

БУДАЛАТА

Не пелтечете сега, Лире.

ЛИР

Добро, будало.

(Трите девојки приоѓаат кон Лир)

ЛИР

Кажете, нели,

ќерки мои,

не лажете, нели,

оти сега од мене власта се губи,

од скапи имоти и државни грижи,

која од вас мене најповеќе ме љуби?

…Добро беше?

БУДАЛАТА

Одлично рецитирате. Терајте… Исфрлете го само тоа “нели”.

ЛИР

Добро…

Таа што ќе каже

оти најповеќе ме љуби

јас, Лир,

кралски дар ќе í дарам.

Која прво треба да зборува?

БУДАЛАТА

Според текстот, онаа… Гонарила.

ЛИР

Ајде зборувај прва ти, Гонарила, првенице моја!

ГОНАРИЛА

Зошто јас?

ЛИР

Дојди ваму!

ГОНАРИЛА

Дај го листот…

(Зема лист хартија од Олбани)

ГОНАРИЛА

“Татко мој,

подраг од опулот, светот и слободата мила.

Ве љубам повеќе и од најскапоценото азно,

Како што дете страдно го љуби засекогаш

родот свој праисконски,

татка си свој,

со здив вжарен и збор страден.

Ве љубам, ах, ве љубам, преку сета мерка. “

Има уште, ама доволно е, нели, станува досадно… Добро беше, а?

БУДАЛАТА

Браво! … Од каде го препишавте?

ГОНАРИЛА

Појма немам.

ОЛБАНИ

Од Шекспир.

БУДАЛАТА

А, молам, молам…

ЛИР

Дај ја картата!

(Кент отвора географска карта)

ЛИР

Гледај!

Сите области од оваа линија овде па до онаа онде,

со темни шуми, плодни ливади,

бујни реки, богати полиња,

Твои се и на Олбаниевото потомство…

ОЛБАНИ

Пссст… Барај уште.

ГОНАРИЛА

Малку е.

РИГАНА

Многу е!

ЛИР

Доволно е!

Што вели мојата втора ќерка,

милата Ригана, жена Конвалова?

РИГАНА

Од исто месо сум како и мојата сестра,

во зборот нејзин сетам и љубов моја,

само, таа, сепак, претерува, оти јас

туѓинка сум í на радоста во чулниот усет.

Сметам дека единствено сум среќна

во љубовта кон Вашето Височество.

БУДАЛАТА

Добра е, од Шекспир е.

ЛИР

Тебе и на твојот Конвал,

во вечно наследство

третина од моето љубено кралство ти дарам.

ОЛБАНИ

Многи í даде.

ГОНАРИЛА

Тато, многу í даваш.

КОНВАЛ

Малку ти дава.

РИГАНА

Малку е.

ЛИР

Доволно е!

(Олбани и Конвал се расправаат меѓусебно а Ригана и Гонарила се степуваат)

ЛИР

Мир!

БУДАЛАТА

Рече, мир… Стрпете се малку, ќе имате време за тепање.

КЕНТ

Ве молам, немојте сега…

(Олбани и Конвал се прегрнуваат, а Ригана и Гонарила се бакнуваат)

ЛИР

А сега, мојата радост, најмладата, немажената ќерка!

КЕНТ

Раката í ја бара лозата Француска и Бургунска.

ЛИР

Дааа?

КЕНТ

Да.

БУДАЛАТА

Госпоѓице?

КОДИЛИЈА

Госпоѓица Кодилија!

ЛИР

Што ќе кажеш,

та да земеш третина побогата од твоите сестри?

БУДАЛАТА

Зборувајте, госпоѓице Кодилија.

КОДИЛИЈА

Ништо, господару мој.

ЛИР

Како ништо?

БУДАЛАТА

Вели: “Ништо!”.

ЛИР

Од ништо-ништо не станува. Повтори!

КОДИЛИЈА

Не можам

да го издигнам срцето до усниве,

Ваше Величество.

БУДАЛАТА

Госпоѓице Кодилија!

КЕНТ

Поправете се!

ГОНАРИЛА

Така треба. Браво.

РИГАНА

Сестро, супер си. Терај.

ЛИР

Молк, вие таму!… Кодилијо, среќата своја си ја уриваш.

КОДИЛИЈА

Ве слушам, ве љубам, ве ценам.

Сестрите мои си имаат мажи

и велат,

“ве љубеле само вас”.

ГОНАРИЛА

Што ти е тебе грижа?

РИГАНА

Леле, расипана!

КОДИЛИЈА

Јас не смеам како моиве сестри да лажам

оти единствено ќе го сакам татка си свој.

Треба да се мажам!