Провев на Балканот

Текст: Владимир Плавевски

Режија: Бранко Брезовец

Драмскиот текст “КАСТА ДИВА” или “ПРОВЕВ НА БАЛКАНОТ” претставува сонувана трагедија на певицата Каста Дива во македонскиот простор по сите Балкански Војни. Каста Дива, замислена оперска примадона, изигрува пленик на слободата иако боледува од канцер на гласилките.

На распаќето од својата судбина  таа ја бара изгубената љубов од својот Маж, растргната меѓу Докторот и Бизнисменот кои í нудат и операција на гркленот и брзо богатење .

Нејзиното дете, копнежен  пород, умира здробено од нивниот автомобил на патот кон нивната иднина. Таа тагува безмерно што живот иí е уништен, но Мажот í докажува дека животот за сите е веќе потполна урнатина.

Докторот патува на операција во Москва а Бизнисменот со градежната оператива ќе ги откопува отепаните во Босна. Каста Дива умира и заминува на перонот на своите желби следена од Мажот кој ја бара песната на нејзината душа.

Извадок од текстот:

Плавевски Владимир

Каста                           Дива

Сонувана трагедија во десет слики

улоги:

КАСТА ДИВА

МАЖОТ

ДОКТОРОТ

БИЗНИСМЕНОТ

ПРВА СЦЕНА

Перон …

Звучни ефекти на возови…

Мажот се шета на перонот…

Одекнува музика и гласот на Има Сумак.

Од висина се спушта жена со крилја на птица и застанува над главата на Мажот.

КАСТА ДИВА

Можеби чекате … Мене ме чекате?

МАЖОТ

Не … Која си ти?

КАСТА ДИВА

Јас? … Јас сум пленик …

МАЖОТ

Пленик? … Чиј пленик?

КАСТА ДИВА

… На робот…

МАЖОТ

На  кој роб?

КАСТА ДИВА

Робот на слободата.

МАЖОТ

Ха,ха,ха! “Робот на слободата “…Како се викаш?

КАСТА ДИВА

Како се викам ? … Птица.

МАЖОТ

“Птица? ” Ха,ха,ха!  … Каква птица?

КАСТА ДИВА

Не птица… Песна! … Слушаш?

Одекнува гласот на Има Сумак .

МАЖОТ

Тоа свири мојот цеде плеер …

КАСТА ДИВА

Тоа свири мојата душа.

МАЖОТ

Прв пат некој ми кажува дека неговата душа свири.

КАСТА ДИВА

Поточно, мојата душа пее… Слушаш?

Крешчендо на песната на Има Сумак .

Одеднаш настапува молк.

МАЖОТ

Го исклучив плеерот и, сега…? Ха, ха , ха … !Заклучок?!

Твојата душа повеќе не се слуша .

КАСТА ДИВА

… Го загубив гласот?

МАЖОТ

Твојот глас талка во собава,скапува во кујна, крчка во џњзе на шпорет … Ха, ха , ха …

Перонот се претвора во кујна соба…

КАСТА ДИВА

Како ми стојат крилава?

МАЖОТ

“Крилата ?” Ха, ха , ха …Ајде, извади ги крилјата и направи ми ручек… Гладен сум.

КАСТА ДИВА

… Каков ручек?

МАЖОТ

Некаква банална манџа или чорба, што знам …

КАСТА ДИВА

Не те разбирам… Нема никакво јадење.

МАЖОТ

Можеш да ги свариш крилјата.

КАСТА ДИВА

Кои крила?

МАЖОТ

Крилата со кои леташ … Ха,ха,ха ! Што мислиш, дали ќе јадам вкусна чорба од птица? Ха,ха,ха …

КАСТА ДИВА

Не ми е добро … Го губам гласот …Кх,кх,кх …

МАЖОТ

Гладен сум!

КАСТА ДИВА

Треба да ме однесеш на доктор…

МАЖОТ

Реков : Гладен сум!

КАСТА ДИВА

Страв ми е …

МАЖОТ

Реков дека сум гладен! Направи ми нешто да јадам!

КАСТА ДИВА

Страв ми е . Го губам гласот …

МАЖОТ

Ти си ми жена и твоја света брачна должност е да ми направиш јадење! Знаеш дека сум болен …Имам чир на дванаесеттопрстникот …

КАСТА ДИВА

Јади фаст фуд .

МАЖОТ

Морам да јадам течна храна .

КАСТА ДИВА

Ти реков дека ми е страв …

МАЖОТ

Ха, ха , ха …Страв и е од  брачни обврски!?

КАСТА ДИВА

Се плашам за мојот глас …

МАЖОТ

Ха, ха , ха …Страв ти е од што?

КАСТА ДИВА

Од смртта …

МАЖОТ

Ха, ха , ха …Па јас сум нероден и страв ми е од умирање … Гладен сум!

КАСТА ДИВА

Кажи í ја оваа банална желба на твојата жена.

МАЖОТ

Ха, ха , ха …Ти си мојата жена.

Мажот ги зема крилата и ги крши.

МАЖОТ

Сега повеќе нема каде да леташ… Мојот неабортиран анѓел мора да ми спреми манџа … Ха, ха , ха …

КАСТА ДИВА

Слушај …

Одекнува аријата на Каста Дива од операта “Норма”.

Мажот ги става скршените крила во лонец.

… Слушаш ? …Го губам гласот … Го губам гласот!Тоа за мене е катастрофа! Катастрофа!

МАЖОТ

Добро, да појдеме на доктор …

КАСТА ДИВА

Чекај , да размислам …

МАЖОТ

Одиме на доктор.

КАСТА ДИВА

По кој пат да тргнеме?

Мажот пали огон под лонецот.

Се појавува густ дим кој ја опфаќа сцената …

МАЖОТ

Удолу, кон адот … Ха, ха , ха …

КАСТА ДИВА

Не сакам да одам на доктор.

МАЖОТ

Тогаш, угоре… Ха, ха , ха …

КАСТА ДИВА

Од каде знаеш?

МАЖОТ

Не знам … Ха, ха , ха …

Димот се зголемува …

Музика од операта ОРФЕЈ  и аријата на Евридика.

ВТОРА СЦЕНА

КАСТА ДИВА

Слушаш ?

МАЖОТ

Да. Евридика слегува во подземјето и пеејќи го бара својот Орфеј.

КАСТА ДИВА

Како ти се допаѓа мојот глас?

МАЖОТ

Ха, ха , ха …Тоа свири мојот касетофон.

КАСТА ДИВА

Тоа е МОЈОТ глас! Слушај!

Одекнува аријата на Евридика.

МАЖОТ

Ха, ха , ха …В ред, твојот глас … Ха, ха , ха …А јас и Кристоф Вилибалд Глук пиевме боза , јадевме кебапчиња, жригавме и чекавме ти ја да допееш аријата на Евридика. Господинот Глук од твојот глас се опијануваше и јас морав потем да го носам дома со такси… Ха, ха , ха …

КАСТА ДИВА

Тоа беше во Амстердам…Не, во Софија… Да, во Риека…Не, не ! Тоа сепак беше во Скопје … Да, во Сараево…

МАЖОТ

Ха, ха , ха …Шоферот беше анѓел со крилја врз кои седеше додека возеше низ густата магла од нашите изгорени души …

КАСТА ДИВА

Никогаш не сум поминувала по овој пат … Не знаев дека постои …

МАЖОТ

Сепак постои но нема никој.

КАСТА ДИВА

Ох, постои мојот глас … Слушај го мојот глас …

Одекнува гласот на Монсера Кабалје …

… Доаѓаме со такси кој го вози анѓел седнат врз своите крилја директно на сцената во Сараево … Одеднаш блеснуваат рефлекторите … Темнината го повраќа диригентот а тој го подигнува своето диригентско стапче, оркестарот како еден го испушта здивот и одекнува музика … Диригентот темпераментно диригира и погледнува во мене  … Музиката достигнува кулминација …Знакот на диригентот! Одеднаш,аријата ми експлодира во секој атом на здивот , истекува од устата како невидлива магма , лебди во воздухот и полека ги натопува душите… Астрална димензија … Вечност на музиката во космогонијата на непостоењето… Кулминација на сетилата и чувствата и одеднаш …Погледнувам околу себе … Гроб до гроб … Будно ме слушаат и ракоплескаат …

Нагла тишина …

Ти го исклучи тонот?

МАЖОТ

Не… Многу чудно. Само ние на овој пат …

КАСТА ДИВА

Затоа никој не поминува по овој пат?

МАЖОТ

Поминуваме ние …

КАСТА ДИВА

Се плашам … Можеби сонувам … Кажи ми го твојот сон?

МАЖОТ

Секогаш сонував да бидам никој и ништо … Да бидам џуџе … Џуџе во циркус … Луѓето ми се смеат, ме исмеваат а јас сум задоволен… Дури добивам и плата за тоа!

КАСТА ДИВА

Јас секогаш сонував да бидам певица.

МАЖОТ

Ти?! …Ха,ха,ха !

КАСТА ДИВА

Тој што ме љуби секогаш ме растажува…Кочи!Кочиии!!!

Силно шкрипење на кочници …

Удар …

Отчукување на срце …

Бришење на шофершајбна …

Димна завеса …

Мажот и КАСТА ДИВА излегуваат низ димна завеса …

Чукањето на срцето стивнува.

МАЖОТ

Што се случи?

КАСТА ДИВА

Прегази дете !

МАЖОТ

Невозможно.

КАСТА ДИВА

… Ооох, дете се создаде одеднаш пред нас … Ти го удри со браникот и го отфрли во висина …Детето, ох, детето ме погледна во миг но главата му прсна и мозокот се разлеа како пифтија врз шофершајбната …

Детски црковен хор на ангелите …

МАЖОТ

Но, нема никој …

КАСТА ДИВА

Зошто ти работат бришачите?

МАЖОТ

Па, врне дожд…

КАСТА ДИВА

Го видов … Личеше на мојот син …

МАЖОТ

Нема никој! Нема никој!

КАСТА ДИВА

Исклучи ги бришачите …

МАЖОТ

Не знаев дека си имала дете.

КАСТА ДИВА

Исклучи ги брисачите! Ме нервираат! Исклучи гиии …!

Музика …

Силно бришење на шофершајба со брисачи

Исклучи гиии …!

Нагла тишина

МАЖОТ

Не знаев дека имаш дете.

Детски црковен хор на ангелите …

КАСТА ДИВА

Сакав да кажам дека …Тоа дете , тоа дете … Тоа дете личеше на син ми каков што сакав да го имам  со тебе … Таков секогаш го замислував … А ти сега му го истури мозокот на твојата проклета шофершајбна!

МАЖОТ

Тебе навистина ти треба доктор.

КАСТА ДИВА

Можеби полудувам?