Издавач

Книгоиздателство ФЕНИКС – Скопје

За издавачот

Христо Петрески

Техничка подготовка

Светлана Ивановска

Печат

ФЕНИКС – Скопје

ЦИП – Каталогизација  во публикацијата Народна и  универзитетска библиотека Св. Климент  Охридски, 1998 год.

ИСБН 9989-33-021-2

Текстот “Градител на боговите” го освои првото место на Конкурсот на списанието “Тренд Театар” за необјавен и неизведуван драмски текст во 1997

Владимир Плавевски

Античка трагедија

Лица

ДЕДАЛ, градителот

МИНОС, кралот Критски

ПАСИФАЈА, кралицата Критска

ИКАР, Дедаловиот син

АРИЈАДНА, принцезата Критска

ТЕЗЕЈ, принцот Атински

МИНОТАУРОТ, ѕверот

ХОРОВОДЕЦОТ

ХОРОТ

Дејството се одигрува во Кносос, престолнината на  Минојското Кралство, на островот Крит,  3500 п.н.е.
ПРВА СЦЕНА – Пролог

( Дедал, Хорот и Хороводецот)

ХОРОТ

Строфа

О, небеса бескрајни, о земјо семајко,
о, божествен призрак, о изворски врела,
о, морски браној, о ветрови бесни!
О, богови!
Породивте сни недостојни,
оти луѓето ум в череп матат дребен?

Антистрофа

О, богови! О, богови!
Понесете бескрај на вашата сила!
О, богови! О, богови!
Делата човечки сепак
во вашите сни имаат ѕун
гревовите земни да им бидат лесни.
ДЕДАЛ
Дали е тука – Кралот над кралевите?
ХОРОВОДЕЦОТ
Кој си  ти?
ДЕДАЛ
Јас сум син на Метион и Ифиноја,
внукот на Пракситеј.
ХОРОВОДЕЦОТ
Кралот кој владее
со Хеленското и со Средоземното Море,
со Пелопонез и со Кикладите,
кралот од кој се тресат и фараоните,
не удоствојува синови и внуци на Јоните.

ДЕДАЛ
Мене ќе ме прими!
Кажете му дека доаѓам од Атина.
ХОРОВОДЕЦОТ
Кралот е нерасположен.
ХОРОТ
Врати се,
или во скутот на Елада,
или во преграт на нечија жена.
ДЕДАЛ
Јас
допловив
во овој бескраен воден мир,
во славната земја Критска,
убава и родна почва
гордо кај вишнее сред морската шир,
тегобите на Кралот над кралевите
да ги размавнам – со божествен немир!
ХОРОВОДЕЦОТ
Морска синевина го плакне островот Крит,
роден од камен и сол …
Градови има дваесет на број и јазици разни,
измешани во говорен неспокој ,
но во земјата Критска
копнеат фиданбојлии за машки бој …
Има Ахејци со вита става,
Етиокритјани славни,
племиња Кидонски и Дорски
и Пелазги со горда глава …
ХОРОТ
Кој си ти,
од ништожна земја – лајпрдеж,
кралската тегоба што сакаш да ја здробиш
со твојот скапан мисловен смрдеж?!
ДЕДАЛ
Јас сум внук на кралот Ерехтеј
љубимец на божицата Атена.
ХОРОВОДЕЦОТ
Гласот твој одѕунува
како немушта морска пена.
ДЕДАЛ
Во сите уши треба да се влее мојот крик.
Јас сум изумител на боговите,
но во човечки лик!
ХОРОВОДЕЦОТ
Таква дарба од Ѕевса не е фалба за било кој.
ХОРОТ
Кои се дела твои?
ХОРОВОДЕЦОТ
Кој е твојот најголем творечки бол?
ДЕДАЛ
Јас во државата Атинска изградив
врз сури карпи – чудесен акропол!
ХОРОВОДЕЦОТ
Палатата на Кралот над кралевите,
во Кносос славен,
пораскошна и подоблесно
никаде нема на светов да се створи.
ДЕДАЛ
Коло грнчарско јас пронајдов,
за занаетот грнчарски требен алат.
ХОРОВОДЕЦОТ
Насекаде ги фалат грнците минојски,
потенки од лист на  шафран оти се прават…
ДЕДАЛ
Луѓе во мермер
правам единствено – Јас!
ХОРОТ
Имаме скулптури недоброј
расфрлени по одаиве кралски …
ХОРОВОДЕЦОТ
Од нив бараме спас …
ДЕДАЛ
Но моите скултури се движат, гледаат и – зборат!
ХОРОТ
Само божјите миленици
такви дела да творат смеат…

ДЕДАЛ
Хефест, богот на пламенот,
таква судба мене ми даде!
ХОРОТ
Кој си ти?
ДЕДАЛ
Јас сум,
јас сум – Дедал!

ВТОРА СЦЕНА

( Дедал, Минос, Пасифаја, Хороводецот, Хорот )

МИНОС
Значи, ти тврдиш дека си – Дедал?!
ДЕДАЛ
Да, кралу над кралевите.
Богот Хефест
оваа човечка краса мене ми ја дал.
МИНОС
Ако ти си човечка рожба на Хефест,
тогаш,
ти си творба на огнен вриеж!
ПАСИФАЈА
О,кралу мој љубен,
наслушни!
Нему в душа му рие гниеж,
му топоти гнев!
ДЕДАЛ
О, Миносе,
кралу над кралевите,
о, Пасифајо славна,
Кралице на Кралот на кралевите,
признавам, гнев имам,
но гневот како казна на мојата дарба ја примам.

МИНОС
Во ушиве мои љубопитност зрее …
ПАСИФАЈА
Ајде, раскажувај, раскажувај …!
МИНОС
Јазикот твој сказанија милни
треба со милост божја
наше удостојство да жнее.
ДЕДАЛ
Во државата Атинска
јас стекнав слава со изуми и градби стројни.
И ученици набрзо стекнав недобројни …
Еден од нив беше Тал,
машка рожба на Ареопаг,
кралот Атински и на Пердика,
мојата сестра со ум чуден и мила  лика …
Тоа момче имаше посебен дар и умствена сила
и сам , без моја помош , пронајде шестар и пила .
Но, во кавга зла беше со својата мајка,
мојата слабоумна сестра Пердика …
И, еден ден, по расправа жолчна,
без осет за мајчинска бол,
Пердика го ничкоса синот Тал
од ѕидините на високиот акропол.
Божицата Атена сепак разборитост избори!
Го одена Тал во перје и птица го стори …
ПАСИФАЈА
Оваа приказна секого в срце го пече.
ДЕДАЛ
Таа тегоба мене дури кај вас ме довлече …
Сестрата моја, Пердика,
врз мене фрли клеветнички показ!
Ме набеди оти злодејот нејзин,
сум го сторил – јас!
ХОРОТ
Сето кажано е лага.
ДЕДАЛ
И, згора на сé , како доказ,
главата своја во јамка ја стави,
и животниот здив свој го здави …
ХОРОТ
Сето кажано е лага.
ПАСИФАЈА
Коскиве мои морници ги лазат…
ДЕДАЛ
Тогаш, во гнев кралот нареди
со стража мене да ме пазат.
И за овој грозен злодеј мене да ми судат,
божем áдски зла од мене се будат …
ХОРОТ
(Кон Пасифаја)
Кралице , пст, внимавај!
Сето кажано е лага.
ПАСИФАЈА
Зар таква бештедрост клета
повраќа неговата уста блага?
ХОРОВОДЕЦОТ
Убиецот на Тал не е неговата мајка Пердика
туку овој пред вас со милозлива лика …
Тритон – богот морски
тоа на сите во Атина го кажа,
а овој вам ви дроби  вртлива лажа…
МИНОС
Но, не сфаќам кон што тој се стреми…
ПАСИФАЈА
Потем, што направи ти, што стори?
ДЕДАЛ
Гниев како морска риба фрлена на суво,
скапував во самотија дребна,
скриен во глувчино дупче
загубено, глуво …
ПАСИФАЈА
Оваа грозна сказна за мојот вкус е – непотребна.
ДЕДАЛ
Но, судбата клета што мене ме  згоди,
сепак стори среќа за мене да се роди…
На престолот потем,
во борба беспоштедна, со крв и насилија,
дојде Егеј,
синот на Пандион и Пилија.
Милост од него потем измолив јас
и допловив овде,
на островот Крит, во вашиот рајски спас.
ХОРОТ
Овде животна стрв се нуди бесрамно за сите!
ДЕДАЛ
На островот Критски
полиња со кринови преполни се редат,
а шафран и темјанушки спокој в душа ведат.
ПАСИФАЈА
Кралу мој љубен,
твојата милост дал надеж му пружа
на овој губитник страден?
ДЕДАЛ
О кралу над кралевите,
о Кралу на Критскиот остров
кој со целиот свет владее,
о Кралу на Кносос,
сончев град закитен со вечна слава,
о Кралу на морската флота,
од чие име и на фараоните им шумоли глава,
о Кралу над кралевите,
пружи ми милост!
Твој сум, со ум, срце, рака и душа …
МИНОС
Катаден моево кралско уво ласкања слуша.
ДЕДАЛ
Кралу, земи ме, нема да згрешиш,
јас сé ќе сторам,
милост кон мене да разгорам.
МИНОС
Не знам,
се колебам …
ДЕДАЛ
О, Кралу над кралевите,
мојата бедна душа проколнува за спас.

МИНОС
Пасифаја,Кнососка кралице!
На судбината Дедалова подари ú  лице.
ДЕДАЛ
О, Кралице на Кралот на кралевите,
стори чуда!
Твојте зборој во мојот копнеж
нека породат надеж луда.
ХОРОВОДЕЦОТ
Внимавај, Пасифаја,
тој во итрината побрз е и од горскиот ветар.
ПАСИФАЈА
Добро!
Судбината на Дедал ќе се спастри
ако моето прашање со одговор го скастри!
ХОРОВОДЕЦОТ
Колку милозвучно твојот кралски глас ѕуни,
толку порочни надежи во Дедал невино буни.
ПАСИФАЈА
Колку деца имам јас,
создадени во љубовен плам,
со Кралот на Критското семоќно кралство?
ДЕДАЛ
Јас знам,со божја помош,  осум.
МИНОС
Машки ил, женски?
ДЕДАЛ
Четири машки – Андрогеј, Деукалион, Глаук и Катреј,
а украс на родот ваш кралски се четирите ќерки :
Аријанда, Ксенодика, Акакалида и Федра.
ПАСИФАЈА
Охо, тој навистина многу знае …
ХОРОВОДЕЦОТ
Тој итрува!
Тој сака играва со вас подолго да трае.
ПАСИФАЈА
Дедале, ти копнеж мој распупи
со зборовите твои милни што ги кажа…

МИНОС
Да се повика стража!
ДЕДАЛ
Не!
МИНОС
Стража!
ХОРОВОДЕЦОТ
Слушнете што сега Дедал ќе каже,
тој повеќе нема желба да ве лаже!
ДЕДАЛ
О, богови!
Дарете ми сила
вистината во мене да ука ко утка сред ноќ  глува!

(Кон Минос и Пасифаја)

Вашиот брак кралски во исконот
бил  – јаловина сува!
МИНОС
Знаеш ли ти што зборуваш?
ПАСИФАЈА
Него устата пакости му лае.
ДЕДАЛ
Пред бракот плоден со Пасифаја,
Минос место семе плодно,
од својата машкост исфрлувал
– змии, чкрапји и стоногалки гадни …
Сите жени на кои тој матката им ја плодел
умирале во тегоби страдни …
Останала во живот земен само Пасифаја
небаре змијско семе пробала
туку бидејќи ќерка на Хелиос,
богот на сонцето, била.
ПАСИФАЈА
Вакви повраќаници сеуште моиве уши не досегнале.
МИНОС
Тој има смелост …?!
Тој има лудост со својата глава да си игра?!

ДЕДАЛ
Морам сето ова да го кажам!
Боговите  ме силат вистината да не ја лажам !
А згора на сета грозоморна беда
од ова што го повратив јас –
вие треба од мене да барате –  спас!
МИНОС
Ти од умот си се слегнал!
ПАСИФАЈА
О, Хелиосе,
о богу на сонцето вечно,
о татко мој,
зар страдие ми дари
та овој душоѕверник
да рие во мојата страдна душа?
ДЕДАЛ
Еден ден Минос, кралот Критски
заборавил жртва да принесе на Посејдон, богот морски …
И тогаш, морето се раскрилило…
Галебите ширноморски умирале без глас …
Посејдон фрлил клетва на Пасифаја!
ПАСИФАЈА
Ох, ох, ох …
МИНОС
Каде е таа стража?!
ДЕДАЛ
Ако стражата до мене се мушне,
гревот ваш над гревовите ќе го слушне !
ХОРОТ
Клетвата Ѕевсова била таква …
ДЕДАЛ
Да!
Клетвата Ѕевсова била таква …
Кралицата Критска – Пасифаја ,
во срцето љубов кон бик  да згоди!
Потем, со бикот што Минос, кралот Критски,
како свадбен дар и го дарил,
во љубовен занос таа се сплоти!

ХОРОТ
Клетвата Ѕевсова била таква …
ДЕДАЛ
Од семето биволско,
во матката своја никулец створи
и , чедо несакано – роди!
ПАСИФАЈА
Не! Не! Не!
МИНОС
Ти навистина милост немаш.
ДЕДАЛ
Чедото ваше прекоредно живо сеуште ѕвери !
МИНОС
О Ѕевсе,о Ѕевсе,
зар тајната моја и некој друг ја знае?!
ДЕДАЛ
Не колни се во Ѕевса, сведржателот наш,
оти од него си казнет!
А и плодот ѕверски, вашиот срам
не знаете када го скриете…
МИНОС
Зборувај, гнидо, од нас – што сакаш?
ДЕДАЛ
Сакам на твоето кралство
градител главен
да бидам – јас …
МИНОС
Не! Тоа не е можно!
ДЕДАЛ
Кралу над краловите, внимавај, не греши!
Тој ваш срамен чедоѕвер,
крвождер само со месо што се храни,
од опулот на твоите поданици
во посебна градба треба да се згради.
МИНОС
Признавам,
нужност разумна мислата ми бара …
Пресреќна би била и мојата Пасифаја,
а и јас,
кога за нашиот блуден син –
би нашле некаков закрилен спас.
ДЕДАЛ
Јас нудам спас за вашиот судбински траур!
ПАСИФАЈА
Закрила за мојот син?!
МИНОС
За нашиот – Минотаур?!
ДЕДАЛ
Во замена за мојот живот и за мојата коб,
ќе изградам здание за вашиот син,
опул да не се види од вашиот ѕвер .
Ако некој се осмели да влезе ,
жив од таму – нема да излезе!

ТРЕТА СЦЕНА

( Дедал, Минотаурот, Минос, Пасифаја, Хорот, Хороводецот)

ХОРОТ

Строфа

Каква е таа врева,
каква грозомора низ градов се беси,
зошто прав се дига и
земја со вода , јајца и слама се меси?

Антистрофа

Градба чудна  ко галеб в пијан лет,
накривила бројни одаи в таен сплет.

Строфа

Какви се овие глутни, темни сали,
какви се овие таинствени ходници мали?
ДЕДАЛ
Сето тоа голема кралска тајна крие.
Недостоен син тука гнездо ќе свие.
ХОРОВОДЕЦ
Како го нарекуваш ова свое градителско чудо?
ДЕДАЛ
Лавиринт.
(Доаѓа Минотаурот)

МИНОТАУРОТ
Ммммм!
Низ тело ѕверска рев ми буи,
Непцата ми бараат сласт од месо и крв
а глад ко разигран поток во жили ми струи …
ДЕДАЛ
Ти Ѕевсова клетво,
се фалиш со ѕверствена стрв?
Ставата ти е човечка но твојот лик,
си го затскрил – со маска од бик?
МИНОТАУРОТ
Смилувај, се, веруј…
Оваа моја проклета лика не е шега …
Посејдон казна ми дари со судбинска стега.

( Доаѓа Пасифаја и Минос)

ПАСИФАЈА
Кој ти дозволи пристап кај мојот син?
МИНОС
Одговарај , градителу Критски!
ДЕДАЛ
О, Кралице Пасифаја!
Оваа креација  е вашето чедо …?!
ХОРОТ
Змијските коси на Горгоните,
во споредба со него
не се награда туку –  беда.
МИНОТАУРОТ
Вие со неговото градителско знаење
сакате вечно да ме вѕидате во чмаење!

ПАСИФАЈА
Лавиринтов ќе биде за тебе
достојна, возвишена градба.
МИНОТАУРОТ
На вашите зборови не верувам јас …
Тој го гради лабиринтов за вашиот спас !
МИНОС
О, Минотауре мој,
те проколнувам,
верувај во нашиот божествен, кралевски сој!
МИНОТАУРОТ
Зар како девица да ја кријам снагата своја?
ПАСИФАЈА
Зошто кај тебе се раѓа сомнеж и страв?
МИНОС
Оваа градба светска е достојна
за син на крал со снага на лав.
ПАСИФАЈА
Ти како кралски син со посебна лика,
треба да кралствуваш во овие  двери.
МИНОТАУРОТ
Треба да ме буди зора во мирисни полја,
а не в темни ѕидој мојта снага некој да ја пика.
МИНОС
Сето тоа,
в твојот нов дом
го создаде градителот светски
– Дедал!
ПАСИФАЈА
Впрочем,
не прилега на мојот кралски син
да шета по критската кал!
ХОРОТ
Ериниите, клети ќерки на Геа
Клетва проклета му ветија.
ПАСИФАЈА
И во твојот дом
јас ти поставив -кралски трон!

ХОРОТ
Кралу над кралевите,
внимавај!
МИНОС
Мојата жена дал намери таи
на љубениот син мој,
Андрогеј,
да му го грабне принцовиот ѕвон?!
МИНОТАУРОТ
Но, мојата душа има Посејдонов оракул –
Храна моето тело не бара од земјата родна…
Храна за мојата душа мора да биде – месо од луѓе!
ДЕДАЛ
Атињаните се прилика годна !
МИНОС
Атињаните своите тела на Теа ги дарат
а неа и помагаат само поземните црви.
МИНОТАУРОТ
Јас сакам Дедаловата уста  сега
да распупи совет ко мирислив цвет.
ДЕДАЛ
Знам дека не умеам вистина да слажам
секогаш кога нешто јас мудро ќе кажам.
МИНОТАУРОТ
Кажувај, пеј!
ДЕДАЛ
Боговите жолчни во Адот
душата ја јадат штом кај нив ќе слезе.
Но, во твојот лавиринт
секој човек ќе ти биде – мезе !
ХОРОТ
О, времиња, о , богови!
Зошто благоутробие на оракулот ваш
вие посеавте на ова тло ,
та со ваква судбина плодивте семе на зло!

ЧЕТВРТА СЦЕНА

( Дедал, Минос, Аријадна, Хорот, Хороводецот)

МИНОС
О,Дедале, зошто повиваш плеќи?
Каков е тој товар врз р’сот твој стамен?
ДЕДАЛ
О, Миносе, Кралу мој ,
грбников мој го свива,
камен…
МИНОС
Камен? Од каде?
ДЕДАЛ
На богот Хефест му принесов жртви
син да ми дари,
а тој со молњи огнени и со божја сила
ме фрли на едно парче земја во Тракија.
Фиданбојлија стамен,
на египетскиот бог Озирис –
син ,
со здив на божја пламен,
по име Македон ,
во страшен ,крвав бој
кралот Ликург го отепал таму.
Потем,богот Озирис
во чест на тој херојски ѕвон
за крал го прогласил
Македон,
и во таа земја му дарил трон.
МИНОС
Таа земја не ја познавам јас …
Дали има име?
ДЕДАЛ
Според синот свој
Македон,
Озирис вечно име í  дал.
Македонија.

МИНОС
И, што ќе правиш со тој камен?
ДЕДАЛ
Ќе си изделкам – син!
МИНОС
Каков е пак сега ова
од тебе, чин со ѕун на лудост?
ДЕДАЛ
О, Кралу мој,
во овој камен ќе изделкам – човечка става…
МИНОС
Јас имам скулптури во дворецон безброј…
ДЕДАЛ
…Со камена свита и камена глава!
И, ќе го молам Хефест,
во ова мое камено чедо
да вдахне реа на човечка душа !
МИНОС
Но,што ќе ти е син,
што ќе ти е такво бреме?
ДЕДАЛ
Синот е човечко семе
посеано во плодна почва,
расквасена со небесна роса,
од боговите крстена како – време …
Впрочем, Кралу мој, и ти девет чеда имаш …
МИНОС
Осум!… Осум.
ДЕДАЛ
…Осум чеда имаш, сé лика до прилика.
Божествена круна кога ти би имал,
за нив нема да ја мениш,
во тоа сум сигурен јас.
МИНОС
Ми ласкаш, Дедале …
ДЕДАЛ
Кралу мој,
зарем сум подлизурко
кога ќе пролафам најнова вест:
Твојот син вишен, Андрогеј,
во дрчната Атина,
во сите атлетски вештини
стекнал победнички венец.
МИНОС
Ох,такви слатки вести душата ми ја галат.

( Се појавува Минотаурот во Лавиринтот)

МИНОТАУРОТ
О, проклет очув мој,
проклета кралска круно,
ти што во овој лавиринт ме нурна!
Во черепов ми татнат гласови!
Гласови!…
Гласови  што хаос ќе запалат
во твојата кралска душа згурна.
ДЕДАЛ
Кралу мој,
ТОЈ слуша со својот ѕверски слух
сé наоколу што се згоди.
МИНОС
Што е, повторно си гладен?
МИНОТАУРОТ
Ќе секне твојот кралски дух,
ова штом ќе го кажам …
Твојот син , Андрогеј,
ловровенценосец во Атина,
веќе тагува за земниов живот страден.
ДЕДАЛ
Што? Тој блада …
Тој повторно е гладен.
МИНОС
Што зборуваш ѕверу?
МИНОТАУРОТ
Убав збор ми дариш,
кралу проклет!
Награда нека ти биде твојта вина,
оти син ти прчлест, Андрогеј
во Атина,
бил убиен од кралот Егеј.
МИНОС
Не! Тоа не е можно! Тоа не е вистина!
ДЕДАЛ
Кралу мој, ТОЈ само со зборови се свети? !

( Влегува Аријадна)

АРИЈАДНА
Татко, татко !
…Ох, татко мој, грозна вест ни вјаса од Атина.
МИНОС
Ќерко Аријадна,
внимавај твоите усни
громови да не јанѕаат во моите уши.
АРИЈАДНА
Братот мој премил, Андрогеј
во Атина,
во сите атлетски вештини бил прв …
ХОРОТ
Атињаните ги разјадувал злобен црв.
ХОРОВОДЕЦОТ
И, стрвјосан од проклетие злобно,
кралот Егеј нарачал
да се здуши Андрогеј
на подмолен начин …
На пат кон Теба,
на божица Атена жртва за триумфот да ñ  дари,
Андрогеј го убиле платеници во подмолен миг …
ХОРОТ
Го расчеречиле на делови и телото негово,
за храна го дариле на Маратонскиот бик!
МИНОС
О богови, о небеса! О земјо, о мајка Гео!
О, луѓе!…
Синот мој кој ќе ми го врати?
МИНОТАУРОТ
Тегобноста твоја повраќај ја в пепел.
АРИЈАДНА
Каков глас јас слушам од ѕиданиот преплет?
МИНОТАУРОТ
Јас сум тука ти да не ме видиш,
Аријадна, сестро …
МИНОС
Молк!
АРИЈАДНА
Ох, татко мој, каков е тој страшен глас?
И, тој ѕверски рев
што доаѓа во овој тажен час?
ХОРОВОДЕЦОТ
Катинар ѕверка крие…
Катинар ѕверка крие…
Катинар ѕверка крие…
МИНОС
Ооох, јас морам,
јас морам да ги казнам Атињаните !
АРИЈАДНА
Татко мој, и тага и бес умот ти го мати.
ХОРОТ
Оставете мисла во умов негов,
Кралот Критски,
в спокој да среди
и заповед силна тој да нареди!
МИНОС
Дедале, ти си ум дрчен,
кажи која казна Атина
и кралот Егеј треба да ја плати?
ДЕДАЛ
Кралу мој,
твојта флота во прав и пепел Атина да ја стори,
сојот нивен злосторнички никогаш да не се повтори.
ХОРОВОДЕЦОТ
Дали е ова мудро решение … ?!
Дали е ова мудро решение … ?!
Дали е ова мудро решение … ?!
АРИЈАДНА
Не!
Тој сака со овој одмазнички чин
да ги казни и за својта вина,
што ја стекнал во Атина.
ХОРОВОДЕЦОТ
Треба да се роди мудро решение …
МИНОТАУРОТ
Андрогеј,
дали бил фрлен
на бикот Маратонски, за храна?
ХОРОТ
Мудрото решение за вас е мисловна брана.
МИНОС
Атињаните треба да се понижат со казна вредна!
МИНОТАУРОТ
Казна мерна за мојата глад кон жртва  жедна !
ХОРОТ
Ѕверската душа негова в бунило блада,
по човечко месо неговата стрв страда.

ПЕТА СЦЕНА

( Дедал и Пасифаја)

ПАСИФАЈА
Ооох, Дедале,
колку ти обљубуваш страсно …
Ооох, Дедале,
твојта дрчна машкост ме збесна…
Ооох, Дедале,
за сластите здивени,
мојта родица веќе е тесна … Ооох!
ДЕДАЛ
Кралице моја,
за гладта на твојата сласна Венера ,
јас најпонизно се трудам
со мојата машкост да и најдам мера …
ПАСИФАЈА
Ох, Дедале,
дал’ сетам ?
Страв таинствен в тебе се бедри?
Но зошто?
Та кралот мој, Минос,
со својта расрдена флота кон Атина едри.
ДЕДАЛ
Знам…
Кралот Минос на кралот Егеј
со меч и крв ќе му подари ука …
ПАСИФАЈА
Моето сладострастие од Минос не печали ќар.
Мојата снага од него
не добивала никогаш машка благодар.
ДЕДАЛ
Тогаш кој
на твојте деца лични,
во тебе благоутробие зачна?
ПАСИФАЈА
Боговите! …
ДЕДАЛ
Кралот Минос,
на оваа твоја тајна и осознал лик?
ПАСИФАЈА
Тоа е најскришна тајна
на душата и утробата моја мачна.
ДЕДАЛ
А дали боговите сторија нешто?
ПАСИФАЈА
Награда тајна од боговите
беше прекрасен бик што ми го дари Минос лично…
Ха,ха,ха!
Јас посакав и со него да се плодам
но барав скрита пригода тој чин да го згодам.
Разбрав дека ти си мајстор врвен за скулптури …
И, дури во Атина си нарачав од тебе фигура од крава…
ДЕДАЛ
А јас,
направив во дрво,
обвиена со кравја кожа,
во природна форма , скулптура од крава…
Во стомакот и издлабив празна ложа
и една дупка права.
ПАСИФАЈА
Ха, ха, ха!
Јас во дрвената ложа вешто се свив.
Парејќи ја кравата лажна,
Бикот на Минос со порив ѕверски и див,
ооох,продре во мојата родица влажна.
А неговото ѕверско семе
во матката моја посеа наследно бреме.
ДЕДАЛ
О, богови на злото, зар е тоа – можно?
Зар јас сум зачетник на ѕверствениот кавур,
зар и јас сум личинка за творба на ѕверон,
наречен Минотаур?!
ПАСИФАЈА
Тоа сепак беше – божја казна!
Посејдон тој бик на Минос му го дари,
за показ да му служи
оти неговата машкост чмае
свената без сласт женско утробие  да пари.
ДЕДАЛ
Чиј син е тогаш – Андрогеј?
ПАСИФАЈА
На Ѕевс, Семоќникот.
ДЕДАЛ
О, Богови! … А, ќерка ти, Аријадна?
ПАСИФАЈА
На Ѕевсовиот најмлад син,
здружен со бахантаткини,
менади и тијади,
закитен со венци од бршлен и ловор.
ДЕДАЛ
… Богот Дионис!?
ПАСИФАЈА
Битието човечко да спознае дал умее
тоа што вечните богови можат?

ДЕДАЛ
Човекот на боговите е жива рана.
ПАСИФАЈА
Боговите со расад плоден
го спасуваат родот мој.
ДЕДАЛ
Тогаш, те молам
во име на сé што за тебе творев!
ПАСИФАЈА
Твојата молба за мене е даровна бура.
ДЕДАЛ
Сакам од оваа камена скулптура
син мој со дух човечки да воскресне.
Но,единствено  Хефест, на огнот – бог,
животна искра може в него да кресне.
ПАСИФАЈА
Но,добро, Дедале…
Ќе го молам јас мојот огнен бог,
Здив да ухне во камениов створ.

ШЕСТА СЦЕНА

(Аријадна, Икар и Дедал)

АРИЈАДНА
Ох, во младешка распуст јас лудувам ко бесен âт .
Дал’ мојата младешка душа и става
треба да темнее за животен блик
како повраќаница на пијан сват?
Пукнатини се творат во мене од длабини на кобниот âд !
Во мене ветрови се котат од распупени сни !
Пенливи желби за капка од животно вино !
Ох, јас снеможувам веќе!
Отворам порти скрити на мојот телесен јад …
Не можам повеќе да вишнеам
на овој Критски остров со затворен град!
Дал венее ко’ лоена свеќа
стемнета во темен плам
од судба проклета?
Не! Не сакам јас таков показ на судба!
Каде да ја најдам мојата ѕвезда?
Копнежи по момчиња стројни
ги колваат моите девствени гнезда…
ИКАР
О, ти животно сонце! О, ти божествен створ!
Виделина ми навира в глава …
Животни морници ме плават со душа и крв.
Кој ли го разјаде каменов клет како глутничен црв?

(Се врти кон Аријадна)

Ох, каков виор,
навеа кај мене,
ваква прекрасна жена?
АРИЈАДНА
Ох?! … Кој си ти?
ИКАР
Јас? … Јас , јас сум … Икар. А, ти?!
АРИЈАДНА
Јас сум Аријадна.
ИКАР
Ти го урна мојот камен сон ?
АРИЈАДНА
Мојата душа сé наплаќа
со пепел од ѕвезден ѕвон.
ИКАР
Се разбудив како збудален полноќен ут
од божјо светло озарен во адскиот скут.
АРИЈАДНА
Јас не те познавам ,Икаре,
но, устата ти е краснопојна.
На островов Критски нема момци млади.
Заминаа со татко ми во војна!
Зошто ти си тука
а не во поход со мојот татко годен?
ИКАР
Не знам, сега јас сум роден.
АРИЈАДНА
Сега си роден?…
Каква е оваа земска слава
та за мене создаде момчешка става?
( Доаѓа Дедал)

ДЕДАЛ
О,Икаре, сине!
ИКАР
…Татко?
Јас се родив …
ДЕДАЛ
Ох, сине, ти си божји спас.
ИКАР
Надеж го роди животот мој …
Но оваа девојка лична
веднаш ми дари
сомнеж
и животен неспокој.
ДЕДАЛ
Сине, таа е – кралска ќерка и нејзе сî и е волно,
Дури и сомнеж за верба в живот без Ѕевсова мерка.
ИКАР
Татко, сега што ќе правам?
ДЕДАЛ
Почни да чекориш, сине.
АРИЈАДНА
Почни да љубиш оти на земниов свет сî е грев.
ИКАР
Зарем в пекол треба мојот живот да мине?
АРИЈАДНА
Не, ох, не!
Постои љубов – за луѓето најголемиот божји дар.
ДЕДАЛ
Сине, јас ќе те научам сé што знам.
АРИЈАДНА
А јас,ох, јас  ќе ти разгорам
в душа копнеж по животен плам.

СЕДМА СЦЕНА

( Дедал, Икар, Минотаурот,Пасифаја, Аријадна, Хорот)

ХОРОТ
Растрепери се, о мозгу,
не биди курва во череп  со рогој,
Подари му миловзучни зборој,
подари му смелост!
МИНОТАУРОТ
Отвори се земјо,
створи ми дружба смртна во вечен гроб.
Зар црви јас да глодам ?!
ХОРОТ
Жолчна стрвојадност в гнет
му го згорчува животот негов клет…
ИКАР
Каков јас глас страшен слушам?
МИНОТАУРОТ
О, судба клета!
О, дело проклето!
ИКАР
Не, не се плашам јас од овој ѕверски рев…
Но што се крие зад овие одаи бројни?
Дал овие камени ѕидови
кријат можеби некаков грев?
МИНОТАУРОТ
Еј, ти,
не се плаши,не биди на штрек.
Тоа сум само јас.
ИКАР
Вјасав скоро, од студ на камен
на човечкиот топол, животен брег.
Не знам …
Треба од тебе да се плашам?
ХОРОТ.
Злодејна е судбата негова бедна.
МИНОТАУРОТ
Со божествен печат роб ѕверски сум по душа.
Но, ајде дојди кај мене,
без дружба човечка срцево ќе ми свене.
( Доаѓа Дедал )

ДЕДАЛ
Сине Икаре, стој!
Животот свој за месо го нудиш?
Тоа е Минотаур!
ИКАР
Минотаур?
ХОРОТ
Зад неговиот превртлив глас
се крие човечка става.
ДЕДАЛ
Тоа е ѕвер со биковска глава!
ИКАР
Ох,зар е тоа можно?
ХОРОТ
Грешен од боговите и од луѓето
ѕверот вечно затворен
во лавиринт тажно седи.
ДЕДАЛ
Татко му е богот Хефест скотен преправен во бик.
Не смеам на неговата мајка да ти разоткријам лик.

(Пасифаја прислушнува)

ПАСИФАЈА
Тоа сум – Јас!
ХОРОТ
Кралицата
на Кралот на кралевите,
волшебната Пасифаја!
ИКАР
Вие на моето неискуство
му правите кобна замка.
ПАСИФАЈА
Од мене вистината збори.

ХОРОТ
Пасифаја пеколна блуд околу себе твори.
ДЕДАЛ
Кралице,
те проколнувам,
синот мој  не го плеткај во твојата јамка.
ПАСИФАЈА
Моево меѓуножно распаќе скотни мажи препелка,
а од божјиот грев и критскиот камен од мене стенка.
ИКАР
О, кралице на Кралот над краловите,
овој ѕвер што реви и плаче за човечко месо
не е – ваш син?
ПАСИФАЈА
Тој е еден од гревовите на моето тело…
ХОРОТ
Нејзиното тело е дар на гревот
од боговите на Олимп,
и умира од страд
по моќ на машка сладострасна мамка.
ДЕДАЛ
Сине, Икаре,
мораш да и одолееш на нејзината става.
ХОРОТ
Гревот за смртниците е пеколна замка.

( Доаѓа Аријадна)

АРИЈАДНА
Има ли некој моќ
ѕверскиов рев да го стивне?
ПАСИФАЈА
Засрами се, тоа ти е брат.
АРИЈАДНА
Срамот за тебе е тајна без глава и врат.
Мажот твој , таткото мој Минос,
ѕидините на Атена
ги толчи во прашлива дамка !
А ти !?
ПАСИФАЈА
Во ушиве мои зборовиве твои се змиска мрест.
АРИЈАДНА
Свести се, Мајко блудна,
дојди на својата чест!
ПАСИФАЈА
Твоиве зборови не се фалба
на твојот племенит сој.
ДЕДАЛ
Кралице моја, успокој се,
младоста во твојата ќерка неопитно блика.
ИКАР
Кралице, погледај,
твојта ќерка е со прекрасна лика!
ПАСИФАЈА
Да не беше рожба на мојава родица врела
казна погрозна од нејзиниот ѕверски брат
ќе истурев јас со божји гнев
врз нејзиниот врат.
МИНОТАУРОТ
О, мајко проклета, о, сестро клета!
Јас сепак сум од ваша крв творен.
Оклопен бедем од глад ме толчи со туч !
ХОРОТ
Од утробата на Дедаловиов лавиринт
тој проколнува,
моли, бара спас …
МИНОТАУРОТ
Откорнете ме од оваа грозна казна,
подајте ми  клуч!
ПАСИФАЈА
Боговите на луѓето
блудница страсна им пратиле,
со име – надеж!
Жежок оган в гради
душата таа им ја лази
дим на страдни желби
вербата земна да им ја пази.

ХОРОТ
О, наслушнете!
О, погледнете сите!
Дрвени кораби кон нас дрчно пловат,
Ко’ трошни ореови клетки
во преплет на сончното небо и морската шир.

(Дедал гледа кон морето)

ДЕДАЛ
Гледам едра расфрлени по морската немир.
АРИЈАДНА
Да… Вишнее синото море во пенлив корабест ôд .
ДЕДАЛ
Кралската флота со богат плен
полека и горделиво низ море ни вјаса.
ХОРОТ
Тоа кралот Минос , најпосле од бој силен стаса!

ОСМА СЦЕНА

( Аријадна, Пасифаја, Минос, Минотаурот, Хорот)

АРИЈАДНА
О, татко мој славен,
прикажувај како се згоди
твоја победа над Атина да се роди?
МИНОС
Твоите зборови силни
моите мисли ги галат ко’ нектарен мед.
ПАСИФАЈА
Какви тегоби, судби и маки
твојата кралска дика роди?
МИНОС
Кога мојта флота Крит во пена го остави
пат таинствен пред мене одеднаш се јави …
Прејдов тајновита камена порта,
граница на две копна,
и впловив во градот Мегара …
Со овој град владееше дрчно
ко’ разбеснета оса,
кралот Нис, силен метионид!
Снагата му извираше од неговата – коса!
ПАСИФАЈА
Каков ветар те казни и те нанесе
во тој кафез на родот човечки?
ХОРОТ
Ќерката кралска, со име Скила
изгоре во љубовен жар по Миној…
И за љубовен дар на Критскиот крал стамен
од главата на својот татко Нис,
таа искуба влакнест прамен.
МИНОС
… И ,одеднаш, морето од страшен ѕун се распили!
ХОРОТ
Богот Посејдон, лут, од дното морско киниса.
Кралот Нис морски сокол го стори,
а красната Скила во бела чапја ја далдиса.
МИНОС
И, додека морскиот сокол по белата чапја зафрчи
мојата флота веднаш кон Атина се насрчи.
Опсада грозна веднаш на градот Атина јас ставив
и молба на семоќниот Ѕевс, синот Кронов, објавив…
Атина во прав и пепел да ја здушам!
ХОРОТ
Божицата Атена, најмилата  ќерката Ѕевсова
сепак од својот татко милост за Атина измоли.
МИНОС
Градот Атина, за својот спас,
секоја година божја
мора
жртва да дари!
Минотаурот,
седум моми и седум момчиња Атински
во својот стомак ќе вари!

ХОРОТ
Заповед титанска кажа Ѕевс,
Див вечна власт
и на небо и на земја што срка.
МИНОС
Минотаурот со сласт
цутот на Атина
во лавиринтот ќе го черечи и ќе го крка.
МИНОТАУРОТ
О, Богови, о Ѕевсе семоќен!
Твојов божествен дар
моите маки ги сруши со овој жртвен ќар.

ДЕВЕТТА СЦЕНА

(Аријадна, Минотаурот,Тезеј, Хорот)

ХОРОТ
Зошто грозоморие гневот Ѕевсов
на цутот атински толку сурово му дари?
Минотаурот благоутробие
со атинско месо од луѓе во себе да вари?
АРИЈАДНА
Беснилото на мојот брат и Медуза го слуша,
Неговата ѕверска глад најде сродна душа.

(Доаѓа Тезеј плашливо гледајќо околу себе)

ТЕЗЕЈ
Јас сум син кралски, синот Егејски.
Јас сум Тезеј.
МИНОТАУРОТ
Ќе те честам сине Егејски!
Тебе последен ќе те јадам,
бидејќи си многу личен, мирислив и фин.
Од вкусната дружба твоја
што в мев со вино ја залеав јас
сега дремка ме обзема силна …
ТЕЗЕЈ
Божји луњи ме фрлија в заби на овој ѕверски џин.
АРИЈАДНА
Дал грозомората Ѕевсова,
некој може да се сруши?
ТЕЗЕЈ
Ниту Скитите со своите лаци стрелометни,
ниту Халибите, железните ковачи славни,
нити воините амазонки мажи што не љубат,
не можат Ѕевсовата прокоба да ја секнат.
АРИЈАДНА
Твоиве зборој мудри
во мојава душа ораат милносни бразди,
раскрилаат виор на сомнежи бедни.
А твојата стамена лика
топлина в гради ми плете,
љубовна искра во срце ми блика
а боскиве по бакнеж ми треперат жедни.
ТЕЗЕЈ
Ти си сон или јас гледам
страв од смртта со лик на жена ?
ХОРОТ
Божицата Артемида ја дари со прокобен род.
АРИЈАДНА
Јас сум кралска ќерка, Минотаурова сестра.
Јас сум Аријадна…
ТЕЗЕЈ
О, богови,
кој на Минотаурот му подари
ваков божествен сестрински плод?
АРИЈАДНА
Иста матка не родила
но ѕевгар сперма него го плодила.
ТЕЗЕЈ
Кажи Аријадна,
како да се спасам ?
(Се слуша ѕверско ревење)

АРИЈАДНА
Слушај, Минотаурот се буди
гладно завива неговиот глас …
ТЕЗЕЈ
Последниот залак храна останав само јас.
ХОРОТ
О,Аријадна,
ако вистина си знаеш судба
зар жртвата љубена на братот ќе ја пратиш?
АРИЈАДНА
О Тезеју,
земи го мечов со волшебство кален,
дар Дионисов кога се родив.
Минотаурот во Горгона, реката на Адот,
со твојата рака да се најде свален.
ХОРОТ
Лавиринтот!
Лавиринтот!
Лавиринтот!
АРИЈАДНА
О Тезеју!
На главата стави ја мојава круна златна
пат да ти светли в темнина матна.
Во лавиринтот лесно ќе влезеш
но, за да излезеш
размотувај го ова волнено клубче.
За да се вратиш назад
следи го конецот на нашето судбинско пупче.

ДЕСЕТТА СЦЕНА

( Минос, Пасифаја, Дедал, Икар , Хорот , стражари)

ХОРОТ
Смртник земен ако се огреши кон друг,
без почит понизен тлее пред боговите.
Времето трагови кобни ќе збрише
а смртникот ќе просветли душа
кога ќе застане во својот судбински круг.
МИНОС
Повеќе не го слушам ревот на Минотаурот!?
ДЕДАЛ
Подучен од маки јас повеќе не знам
дал да премолчам или да зборувам.
МИНОС
Каде е Тезеј, синот Егејски?
ПАСИФАЈА
Тој кралски син во моите одаи не стапнал.
МИНОС
Твојот ѕверски син како залак можеби го лапнал?

(Доаѓа Икар)

ИКАР
Лавиринтот смрди, труе …
Полн е со засирена крв!
МИНОС
Кажувајте клетници,
што се случило!
ИКАР
Минотаурот е мртов.
ПАСИФАЈА
Ох!
МИНОС
Кажувајте сé по ред,
како бесен рис сум лут.
ХОРОТ
Вистината на Кралот над кралевите
врз плеќи му тежи.
ДЕДАЛ
О, Кралу над кралевите, внимавај!
Вистината е змија со подмолна стрв.
МИНОС
Не разгонувај зборови,
со песја жед ,
пред мене како ѕверки!
ИКАР
Синот на Пасифаја, обезглавен,
со збуричкани црева
во лавиринтот
во сопствената крв лежи…
ХОРОТ
Минотаурот мирува во вечен спокој.
Гркланот му го обљубил – меч  .
ПАСИФАЈА
Кој го избави мојот блуден син
од судбата ѕверска што толку ни тежи?
ДЕДАЛ
Синот кралски , Тезеј …
ИКАР
Со помош на принцезата Аријадна!
МИНОС
Не, тоа не е можно!
ПАСИФАЈА
Тоа Горгоните,
во клет пакт со Ериниите
кобеле врз мојата ќерка злодело сложно.
ИКАР
Аријадна,вашата ќерка во преграт со Тезеј
со едреник од Крит – исплови во бегство!
ПАСИФАЈА
О леле, о леле!
МИНОС
Што ти е, Пасифаја?
ПАСИФАЈА
О леле, о леле!
Со казна божја јас ќе се сретам!
ХОРОТ
Дал разумот нејзин низ земни скали &  слезе,
дал умот нејзин во божјиот храм влезе?
ПАСИФАЈА
Спокој смртна барав во мојот земски век.
Сметав дека моето женско тело
ќе ми биде спасоносен лек.
МИНОС
Што и е, што и стана?
Што се случува со мојата Пасифаја?
ИКАР
Од умот кралицата се сметна.
МИНОС
Не!
Богот Локсија на кралицата моја зла судба и наметна.
ПАСИФАЈА
О леле, о леле! …
Миносе, се посрâ  ли ти?
МИНОС
О, Ѕевсе, помагај!
ПАСИФАЈА
О леле, о леле!
Погледај, засрами се , Миносе мој.
Сите рува си ги укашкал!
А како со рацеве мои нежни
твои лајна да перам – јас ?
Што така ѕвериш во мене?
Та јас не сум луда …
ХОРОТ
Боговите на Олимп мијат задник со нектар и мед,
а со меч р’ѓосан и кројат на Пасифаја судба худа.
ИКАР
Во мојава душа се раѓа молитва ко’ сопатник страден.
ДЕДАЛ
О, Кралу на д кралевите!
Гледај!
Небото над Крит го ораат облаци во крв.
МИНОС
Тоа е знакот на Хера! Морам да ја слушам …
Гроб в земја треба да отвори мојата рака!
Мечу мој убиствен, ѕуни по крв гладен!

(Минос со меч ја убива Пасифаја)

МИНОС
А вие двајцата ,и татко и син,
бидете среќни
оти мојот бес во крвта нејна се сруши …
Стражари, дојдете ваму!

(Приоѓаат неколку стражари со копја и штитови)

В затвор вѕидајте ги навек
нивните продадени души!
ХОРОТ
Ништо не е свето во душата кралска,
кога на милост своја тој  и кине маска.
Кралската волја в бес се впени,
со божја причест тагоби да не цени.

ЕКСОДА ( ЕДИНАЕСЕТТА СЦЕНА)

(Дедал, Икар, Хорот)

ИКАР
Татко мој мил,
со твојот бол јас морам да општам.
ДЕДАЛ
Затворен на овој остров стојам,
сматен од кралскиот дарежлив вик.
Но, се колнам во најцрниот Ад!
Кралот Минос повеќе не ќе ме гледа
во овој мој и твој затворенички лик.
ИКАР
Татко,
како ќе најдеме спас
од овој затвор клет?
ДЕДАЛ
Со сите мориња на светот тој в затвор ме вие
но од мене не може воздухот над нас да го скрие.
ИКАР
Татко, ти најде спас?
ДЕДАЛ
Божицата Ирида ме ороси со надеж за нас.
Кај птиците животот мој и твој ќе го главам.
ИКАР
Татко,
но ние пилци не сме?!
ДЕДАЛ
Не дозволувам умот мој моќен
да скисне в мене
ко неиспиен нектар на Ѕевс.
Јас крилја за спас в раце ти ставам …
ИКАР
Ох, богови златни,
зарем птици треба да се сториме
та слободно сонце со лет да избориме?
ДЕДАЛ
Крилјава ги правев скришно,
од перја на галеби морски кои ѕвездат највишно!
Ги лепев со млеч од пчели да бидат лесни ко сламка …
ИКАР
Татко мил,
доблест е со крилја на рамења
спас во небо да бараме
од оваа наша смртоносна јамка.
ДЕДАЛ
Јас сум подготвен веднаш да летнам.
ИКАР
Ох, татко мил,
моево срце тапоти бурно од надеж,
во небото божје сонце јас да сретнам.
ДЕДАЛ
Сине Икаре,
совет судбински последен ти делам.
Летај во воздухот по мене,
следи каде јас пат среден ќе крилам.
Ако се спуштиш ниско кон морската шир
на Посејдон ќе му бидеш лесен плен!
Крилјата ќе ти стежанам од водениот вир!
ИКАР
О, татко мој,
твојов совет достоен е за крал.
ДЕДАЛ
О, Локсија, боже, сила подари ни ти,
издувај ги несреќите од нашиов лет.
Сине,
мавтај со крилата посилно од најсилната птица!

(Дедал и Икар мавтаат со крилјата)

Полетувам !
ИКАР
Летам и јас, татко !
(Дедал и Икар летаат)

Ох, небото јас лесно го вишам!
Јас сончев воздух слободно дишам!
ДЕДАЛ
Гледај сине!
Под нас затворот критски под облак се крие.
ИКАР
Татко мил,
простор небески над нас
и морска синевина под нас
се наши избор другари.
ДЕДАЛ
Летај Икаре, летај!
ИКАР
Летов дар е божји, татко.
ДЕДАЛ
Дал летов наш е божји дар ил ‘ казна
загатка е наша вредна неброени азна …
Гледај, под нас е островот Самотрака,
клетка родбена на божицата Ника.
ИКАР
А кои се овие острова сега, под нас?
ДЕДАЛ
Делос и Парос со прекрасна лика.
ИКАР
А, каде е земјата на мојата мајка – камен?
ДЕДАЛ
Не знам, сине .
Можеби сонцето благослов ќе има
цел кон твојата мајка – камен да ти каже.
ИКАР
Тогаш, јас веднаш кон сонцето летам.
ДЕДАЛ
Чекај! Не итај!
(Икар одлетува кон Сонцето  )

ИКАР
Ох, сонцето зол одговор ми дари.
Леталава мои топлина ги топи!
Крилјава повеќе не се мои господари…
ДЕДАЛ
Икаре, сине
жедот твој за сонцето е твојата коб.
ИКАР
Татко, паѓам !
Смртта ме зема за свој вечен роб…

(Икар паѓа. Дедал продолжува да лета со крилјата)

ДЕДАЛ
О, богови клети!
Зошто ваква казна ми даривте
безмилосно како факел да ми свети?
ХОРОТ
Строфа

О, небеса бескрајни ,о земјо семајко,
о, божествен призрак, ,о изворски врела,
о, морски браној,о  ветрови бесни!

Антистрофа

Поднесете бескрај на вашата сила,
делата човечки
во сништата божји да имаат моќ
небесните гревови да им бидат лесни.

K P A J
Владимир Плавевски              *Градител на боговите*