Земјотрес

Владимир Плавевски - ЗемјотресЗа романот:

Плавевски во романот раскажува драматична приказна, а сугестивно и сликовито ги опишува катастрофата, животните премрежиња и страдањата на скопјани во земјотресот. Приказната се потпира врз многу веродостојни факти и документи, при што авторот преку опишаните настани преточени во уметничка проза – врши уверлива реконструкција на настани пред и по земјотресот.

Романот е посветен на трагични теми од историјата на градот, но во сите тие мачни, мрачни и тегобни сцени, слики и епизоди, најдолго се провлекува една љубовна приказна. Токму таа приказна е нишката која ги поврзува сите епизоди на ова дело.

Извадок од романот:

Возот рамномерно клопоти.
Задоволно се лулкам во темното купе. Купето е широко
но јас, намерник и единствен патник во него, сеќавам тегоба.
Ми снемува здив. Станувам и ширум го отворам прозорецот.
Однадвор ме опсипува задушлив мирис на чад. Екнува
пробивен писок. Се веднам низ прозорецот барајќи ја
локомотивата низ задушливиот чур. Пропаѓаме во тунел
засмрден од гнилежни јајца. Купето се стеснува околу мене.
Смрдеа ми го души здивот. Се прпелкам. Воздухот црнее од
раски што се пикаат однадвор и го полнат купето,
престорувајќи го воздухот во задушлив облак. Сё почнува да
се тресе. Тресењето прераснува во бучава која ми се вовира
во черепот и мозокот. Купето се свиткува околу мене како
кожа и ми го одзема дишењето.
Ги отворам очите.
Големиот, жолт лустер се лулка и удира од едната во
другата страна на таванот. Отоманот на кој спијам крцка, а
орманот се надвиснува над мене. Ѕвечкаат стаклените чаши
судирајќи се една со друга. Од долу, под земјата, ечи
подмолна бучава и застрашувачки татнеж. Собата танцува во
налудничав ритам. Малтерот од ѕидовите прска во мали
снежинки низ кои одвај наѕирам сино небо низ прозорецот.
Крилата на прозорите павтаат како ранета птица. Орманот
повторно се надвиснува над мене и врз мене се истураат
чаши. Часовникот, со показ на пет часот и седумнаесет
минути, танцува налудничаво на масата.
Собата продолжува со својот крцкав танц, лустерот
удира звучно по таванот, регалот дроби во себе стаклени
чаши, ѕидовите се украсуваат со надолжни пукнатини,
сликите скокаат од ѕидот, удираат на подот што танцува и се
кршат. Срипувам од леглото. Снежинките од малтерот ме
опсипуваат. Кашлам. Лулањето продолжува. Бучава ми го
парализира мозокот.
Бучавата замира.
Собата се смирува. Крилата на прозорците сè уште се
лулкаат, а лустерот продолжува со помирно нишкање. Фрлам
молскавичен опул низ прозорот. Застрашувачка прашина го
порива небото. Навлекувам пантолони и маица и додека ги
тресам сандалите од прашината, повторно започнува
грозоморната бучава и тресење. Вториов удар од утробата на
земјата е во обратен правец. Лустерот за миг застанува и
удира по таванот во обратен правец. Прозорските крила
повторно налудничаво павтаат.
Стаклата прскаат.
На ѕидовите се јавуваат распукнувања кои цртаа знак Х
како да се бележени од ѓаволот.
Собата повторно се исполнува со снежинки од малтер.
Бучавата се меша со пискотници и лелек на луѓе што
допира однадвор.
Прашината однадвор веќе го стемнува небото.
Тресењето бескрајно продолжува.
Истрчувам кон излезната врата.
Повлекувам со сета сила, но таа не се отвора.
Ме прострелува сознанието – земјотрес!
Затворен сум во пеколот на земјотресот.
Се стрчувам назад, кон прозорецот.
Надвор гледам само таинствено море прашина.
Повторно се стрчувам кон вратата.
Ја влечам со сета сила. Од лулкањето и влечењето
вратата се распрснува во ситни парченца кои ме боцкаат по
лицето.
Одеднаш ме обзема темнина што пулсира во такт со
чукањето на моето срце.
Низ телото ми се валка премор како пајак врз пајажина.
Ѕвездите трепкаат, а месечината тлее.
Од каде пак сега ѕвезди и месечина?
Синкавата светлина од месечината го бележи сенишниот
пат пред мене, а околу мене замачканиот пејзаж започнува
налудничав танц.
Вивнува светлина.
Ме заслепува блесок и ми се вовира во черепот.
Глас не пуштам.
Бескрајна белина ми ја цица снагата, ме души, ми го
дроби здивот.
Сеќавам удар.
Нешто кркори, небаре пушти душа, застанува над мене.
За миг блеснува светлина и потем секнува.
Повторно ме обвива темнина.
Не гледам повеќе ѕвезди и месечина.
Околу мене се ѕвери само леплива темнина.
Стапнувам во темнината.
Сетам под нозете густа трева, а во носот мирис на боливач.
Наслушнувам жубор на вода.
Растреперен шум на лисја ме опколува.
Повторно гледам ѕвезди и месечина.
Ѕвездите на небото подбивно трепкаат, а месечината ме
плакне со синкавата светлина.
Месечината предавнички се затскрива зад облак и
настапува потполна темнина.
Наслушнувам таинствен клопот.
Извира од далеку.
Напати молкнува, напати засилува.
Стојам преплашен, треперам како струна и слушам со
таговен исчек.
Клопотењето се засилува до болна заглушеност.
Ми се дроби умот, и токму кога силниот ѕвон ме излуди,
сеќавам смирувачки допир со рака.
Во темнината опулувам спасоносна сенка на човек.