Издавач: Дирекција за култура  и уметност – Скопје

За издавачот: Мирко Стефановски

За редакцијата: Крстана Кузмановска

Рецензенти: Петре М. Андреевски, Милован Стефановски

Ликовно и графичко обликување: Бродвеј Скопје

Печати: ДОГЕР – Скопје

Tираж: 500

CIP – Каталогизација  во публикацијата Народна и  универзитетска библиотека Св. Климент  Охридски, 2001 год.

ISBN 9989-872-12-0

COBISS- ID 0

Извадок од романот:

Дедо ми е волшебник. Чекори кротко, тетераво, мислиш,  се потпира на долгите раце  со уште подолги, итри прсти. Има крупна глава, со бели, извиткани кадри и долга бела брада. Широкиот нос му го дробат  коскени окалки со дебело стакло низ кое ме маѓепсуваат неговите ококравени, костенливи очи. Облечен е во долга, сива антерија што ја опашува со дебела ортома. Меѓу прстите препелка дебели, јантарни бројници.
Дедо живее во волшебна палата, затскриена со големи ѕидови и многу висока порта. За да дојдеме во неговата палата, со тато и мама секогаш долго патуваме пеш, го преминуваме Камениот мост што се перчи  над шумливиот Вардар, го изминуваме каменестиот Чифте амам, грстот џагорливи дуќанчиња и дури потем избиваме пред неговата палата. Обврзно секогаш тропаме со металното чукало врз масивната дрвена порта опточена со темни метални клинци. Тато се опулува околу себе, држејќи ја мама за половина со едната рака, а мене со другата рака. По кратко чекање, ќе чкрипне дребното метално прозорче, преку него ќе молсне стаклест опул и ќе слушнеме остер чкрипеж на за’рѓани метални резиња што се откатинуваат.
Дедо ја шири портата што се огласува со ѕвонлив звук на прапорец виснат над неа. Кога ќе влезам во дворот ме замајува мирисот на ружите. Врз мене се насрчува страшен влакнест чувар на неговата палата, страшната Ала која и сака да ме голтне. Дедо ќе свирне и Ала се престорува кротка кучка што павта со опашката и ме лиже со својот леплив јазик.
Во дворот има и гулабарник со јато гулаби. Тие се небесни чувари. Ако летаат под облаци, Дедо ќе свирне и тогаш небесните чувари веднаш слетуваат врз мојата глава и раменици. Дебела, ангорска мачка секогаш мрзливо дреме под скалите и кога ќе ја погалам, почнува да преде. Му преде оклоп на дедо.

***
На слава кај дедо одам само кога ќе се стемни, криешкум. Тогаш ѕвончето не екнува на портата, Ала не лае,  гулабите дремат во гулабарникот, а мачката талка меѓу ружите. Ќе се качиме по чкипливите скали на дрвениот балкон и ќе влеземе во соба исполнета со таинствена магла. Од густата магла   се закашлувам. И кога ќе се раскрили тестестиот чур, го забележувам Дедо седнат крст нозе врз голема перница. Пие ракија од кàрта што ја надигнува бескрајно бавно и мезети џимиринки, стаклеста пивтија, урда со сецкан праз посеана со црни маслинки, јантарна лаана и лути, везени пиперки.
Пуши наргиле. Кога пуши наргиле, го засилува своето волшебство. А наргилето е магична стаклеста круша исполната со жолтеникава вода од кои излегуваат бројни испреплеткани цевки преку кои Дедо сматосува разнобојни чурови.
И додека Дедо ја обновува својата моќ,  грст скаперници околу него заговорнички џагорат. Кога ќе влеземе јас, Тато и Мама, настанува молк. Скаперниците со стравопочит нè поздравуваат, стануваат збунети од триножните столчиња и, сите до еден, полека испаруваат во синкастиот чур.
Дедо не се помрднува. Го остава чибукот од наргилето. Мама го бакнува в рака. Дедо ја бакнува в чело. Истото тоа го правам и јас. И додека Дедо ме бакнува в чело, Тато врти со главата, се потсмевнува и со силен чекор, сиреч маршира, му  приоѓа на Дедо и му се надвиснува.
Дедо го нуди да седне и Тато, со сомничаво вртење и загледување дали некој го пули, го вади револверот од појас, го става врз софрата и седнува. Баба се појавува нечујно зад нас и го покрива револверот со везена риза, ме бакнува в чело, го поздравува Тато и ја повикува Мама да ì помогне. Мама  погледнува во Тато. Тато кимнува потврдно и Мама заминува со баба во другата соба. Јас седнувам на Дедовото колено. Баба влегува со сребрен послужавник и нè послужува Тато и мене со пелте од дуњи во тегла со две златни лажичиња и чаша боза за мене, а за Тато, кристална чаша со студена вода од бунар.
Дедо му налева на тато ракија во мало чавче, се чукнуваат  и Тато, со муртење, срка од лутата ракија. Потем Дедо го нуди мезе. Дедо молчи, но молчи и Тато. Дедо со една рака ме гали по косата, со другата го држи долгиот чибук и пуши наргиле со заталкан поглед, слушајќи го таинственото жуборење на меурите во стакленото шише. Сркам слатка боза и штрпкам од здрвеното пелте од дуњи. Тато молчи, мези и го чека Дедо да заврши со пиењето наргиле. Го проголтувам остатокот од здрвеното пелте, ја испивам бозата и сакам да играм во дворот. Тато вели дека надвор е темнина.
“Се плашиш од темнина?”, прашува Дедо, завршувајќи со пушењето нарѓиле. Тато се потсмевнува.
“Се плашам од политиката”, одговара Тато.
Дедо ми вели:” Е, дедино, сега на татко ти ќе му ја избистрам  политиката оти тој со неа е маѓепсан. А политиката е најлошото волшебство што постои”.
Ќе се испружам на перницата и ги слушам како бистрат политика сè додека не ме обземе дремка. Тато се жести, но Дедо, како вистински волшебник, го шашардисува со поглед и Тато послушно кимка со главата. Доаѓа Мама и кажува дека време е да се вратиме дома. Тогаш Тато ќе стане, ќе го вбене револверот во пантолоните, ќе ме зема в раце и со тетеравење полека, се враќаме во нашето стуткано станче во воените згради крај Монополот.
И додека јас тонам во сонот, Тато во клозетот гргорливо повраќа. Мама вели дека Тато има некаков чир на желудникот и сите овие адети на Дедо му паѓаат тешко.

***
За Божик, Тато не дојде со нас кај Дедо. Баба веднаш ја прашува Мама каде е, и Мама вели дека Тато катаден работи. Веднаш прашувам каде. Мама ме пресекува оти дете не треба да прашува. Дедо ја прострелува со поглед сркајќи ракија од неговата кàрта.
“Работи за лошиот ѓавол”, вели тивко.
“Дедо, спаси го тато!”, молам плачливо.
Дедо е потполно збунет.
“Ќе го спасам”, мрмори и почнува со бескрајното одбројување на јантарните бројници. Ја земам неговата кàрта, голтам и веднаш се засркнувам од лутата напивка.
“Ако пиеш ракија, ќе ти порасне опашка”, вели, ги врти волшебно своите големи прсти околу мене, и гледај, чудо! На моето газе се перчи вистинска опашка. Од страв, почнувам да плачам со крупни солзи на очите. Дедо се вознемирува и повторно ги препелка прстите над мене. Погледнувам. Повеќе немам опашка.

***
На Прочка, кај Дедо пристигнуваме рано, пред стемнување. Во палатата сè уште нема намерници. Баба прашува каде е Тато. Мама почнува да плаче.
Дедо полека ì приоѓа на Мама и ја погледнува в лице.
“Каде е?!”, ì заповеда на Мама.
“Не смеам да кажам”, цимулка тагобно.
“Сами сме…”, шепоти Дедо.
Мама молчи и погледнува во мене.
“Кај црниот ѓавол…”, изустувам тивко, треперливо.
Мама кимнува со главата потврдно.
Завладува пеколна тишина.
Дедовата глава се тресе а белата брада му се лулка. Никогаш не го паметам толку растревожен. Баба лее безгласни солзи. ‰ приоѓам на Мама.
“Мамо, кажи му на Дедо да го облече оклопот, да ги повика небесните чувари и Ала – и да го ослободи Тато од темната зандана…”, ја молам.
Дедо таинствено молчи. Баба ги брише солзите. Целата фамилија полека се присобира. Баба и Мама ги послужуваат гостите со слатко од тиква. Дедо ме држи во неговиот скут и нервозно ме гали со неговите долги прсти. Сите прашуваат каде е Тато. Сакам да им кажам дека е кај лошиот ѓавол, но Дедо ќе ме повлече за кадрите и кажува дека Тато е на работа.
Кога џагорот во собата станува неподнослив, Дедо плеснува со дланките силно и, во молк и тишина, гласно објавува дека на празникот Прочка, сите присутни во неговиот достоен дом,  можат да бараат простување еден од друг. Повторно се разлева џагор и весела смеа. Помладите приоѓаат на постарите и бараат простување за гревовите што ги направиле кон нив. Постарите велат дека им простуваат, ги бакнуваат и при поздравувањето им ставаат пари в рака. За нас, децата, ова е благодет бидејќи имаме ретка можност да собереме некоја пара за да си купиме џамлии, лижалче и свилени бонбони. Моите спечалени пари ì ги давам на Мама, а таа ме опсипува со врели бакнежи, ме прегрнува и ме притиска на нејзините меки гради.
Дедо зема долго сукало и на едниот крај врзува долг, црн конец. Долниот крај од конецот со игла го спровира низ штотуку сварено јајце.
“Сега започнува амкање! Тој што ќе го лапне јајцево ќе има  исполнета желба”, вели. Сите молкнуваат.
Неколкуте џагорести деца коленичат врз чергите и чекаат стрпливо со ширум отворени усти. Мама ме седнува меѓу братучедите. Дедо го лулка врзаното јајце меѓу нашите раширени усти и ние срчливо се трудиме да го лапнеме мазното јајце што не чука по одбразите и усните. Јајцето е секогаш поголемо од нашите чавчести усти и тешко се лапа, посебно кога се лулка. Од ударите по нашите заби лушпата се крши. Сите сме насрчени да го голтнеме јајцето за да ја спечалиме магијата на амкањето.
Лушпата се крши во моите заби и успевам да го лапнам јајцето. Дедо ме подига, силно ме бакнува и ми тутка пари в рака.
Зема разгорено жарче од шпоретот и го доближува до конецот.
” Сега започнува магијата! Ќе ти ја исполнам желбата. Кажи ја својата желба?”, прашува гласно.
“Сакам Тато да…”, кажувам.
“Пссст! “, ме пресекува Дедо и ме гледа. “Кажи дали сакаш да умре ѓаволот?”, таинствено мрмори.
“Не сакам никој да умре!”, одговарам исплашено.
Баба објаснува дека адетот е таков. Амкачот на јајцето треба да каже кој сака да умре и тогаш, се запалува конецот. Ако конецот изгори сè до сукалото, наведениот за умирање небаре ќе умре.
Дедо го пали конецот и тој почнува да гори. Пламенот почна да се приближува кон сукалото. Сите настојчиво ме подбуцнуваат да кажам кој сакам да умре. Молчам. Не сакам никој да умре. Дедо ме пули со магичниот поглед низ окалките и го подигнува сукалото кон кое се приближува пламенот од разгорениот црн конец.
“Нека умре, нека умре…Нека умре политиката!”, свикувам.
Џагорот одеднаш молкнува.
Конецот догорува до крај…

***
Се будам. До мене спие Мама а крај нозете дреме мачката и тивко преде. Низ прозорецот го здогледувам Дедо облечен во оклоп од црно одело, бела кошула и црвена вратоврска, а врз главата му се перчи црна шапка. Кучката Ала смерно оди зад него до портата. Гулабите како бел облак  вишнеат на синкавото небо.
Ја будам Мама. Мама веднаш станува и гледа по Дедо кој се губи низ портата што се огласува со ѕвонот од прапорецот.
“Дедо ќе го спаси Тато?”, ја прашувам.
“Слушај една сказна… Пред многу години имало страшна, многу крвава војна. Лоши луѓе сакале да отепаат некој јунак, но тој јунак избегал кај дедо ти. Дедо ти се смилувал и го скрил во својата палата. Лошите луѓе го пребарале секое тајно дупче од палатата, но дедо ти со своето волшебство го направил невидлив, и го спасил… Тогаш дедо ти му направил магија на јунакот. Му рекол дека кога ќе долета слободата, ќе го престори цар. Јунакот му одговорил дека ако стане цар, ќе му исполни и невозможна желба. И, кога долетала слободата на крилест коњ, другите јунаци слегле од горите, ја земале власта а јунакот на Дедо навистина станал цар. Е, сега дедо ти оди кај тој цар…”, кажува тивко и плаче.
Мачката повеќе не преде.

***
Се вртам долго и настојчиво в круг се додека сликите околу мене не станаа размачкано пелте. Застанувам. Дворот продолжува да се врти околу мене. Пред опулот ми прскаат синкави ѕвезди. Гулабите вртливо се спуштаат од небото. Екнува чукалото на порта. Слушам лаење. Гулабите се разлетуваат. Се стрчувам налудничаво до портата и со трперење ги откачувам резињата што ми бегаат од дофат. Сè уште се врти сè околу мене. Ја отворам портата, а прапорецот екнува небаре удира камбанарија.
Сред вртливата капија стои Дедо. Се врти околу мене в круг и ме гледа со насмевка. Го сетам срцето како сè посилно ми тупка сред гради. Ала ме лиже со долгиот јазик. Пред опулот синкавите ѕвезди полека се губат и виделото ми се избиструва.
Тогаш Дедо смерно се подистава чекор настрана. Зад него се појавува човек со остржана глава, блед како крпа и испиен како сува трска. Трепери и ми се приближува. Ме подигнува на гради, ме бакнува и ме засипува со  жешки солзи.
“Тато, како се станува волшебник?” .